Талески: Ми требаше ова за самодоверба, ама нема тука да застанам – ќе одам напред!

Вардар славеше со 27-26 над хрватскиот Нексе и ја забележа втората победа во регионалната СЕХА лига.

Најдобар стрелец во македонскиот тим беше левиот бек Филип Талески и заедно со Чупиќ и Ристовски го водеа Вардар до нов триумф.

„Среќни сме за втората победа во СЕХА лигата. Малку потешко од очекувањата. Доволно се познаваме со Нексе. На стартот добро ни одеше, посебно во нападот, но во последните петнаесетина минути тие стигнаа до егал и се играше гол за гол. Мислам дека не смееме да дозволиме такви падови во играта и треба да извлечеме поука. Задоволен сум од мојата игра, ми требаше вакво нешто за самодовербата, конечно мислам дека го дадов тоа што треба секогаш да го давам. Нема тука да застанам, ќе одам само напред“, вели Талески.

Следен предизвик за вардарци ќе биде гостувањето кај Порто во Лигата на шампионите на 4 февруари.