Судиите од Македонија доминираат – пет двојки со европски задачи

Европската ракометна федерација ги делегираше арбитрите за натпреварите за третата рунда во машкиот и женскиот Европски Куп, третото квалификациско коло во женската Лига на Европа, како и за четвртата рунда од истото натпреварување кај мажите. Пет двојки од Македонија имаат европски задачи.

Методија и Михајло Илиевски ќе го судат реванш натпреварот меѓу чешкиот Хазена Кинзварт и турскиот Јенимале од третото коло на женскиот Европски Куп што ќе се игра во Лазне Кинзварт на 10 декември од 16:00 часот. Близнаците од Битола ќе го судат и првиот меч меѓу словачката Бистрица и хрватската Горица од третото коло на машкиот Европски Куп што ќе се игра на 3 декември во Повашка Бистрица од 18:00 часот.

Даниело Божиновски и Виктор Начевскки ќе го судат првиот дуел на данскиот двомеч меѓу Никобинг и Виборг од третото квалификациско коло во Лигата на Европа кај дамите што ќе се одигра во Никобинг на 3 декември од 14:00 часот. Битолско-скопската двојка ќе го суди и реваншот меѓу српската Војводина и австрискиот Кремс од третото коло во машкиот Европски Куп што ќе се игра во Нови Сад на 10 декември од 18:00 часот.

Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ќе го судат мечот од четвртото коло во машката Лига на Европа меѓу швајцарскиот Кадетен и португалската Бенфика, актуелен шампион, што ќе се одигра во Шафхаузен на 29 ноември од 18:45 часот.

Силвана Карбеска и Марија Илиева ќе бидат арбитри на првиот меч меѓу унгарскиот Мошонмаѓаровар и романската Глорија Бузау од третото коло во Лигата на Европа кај дамите што ќе се одигра во Мошонмаѓаровар на 4 декември од 18:00 часот.

Исмаил Металари и Ненад Николовски ќе го судат реванш натпреварот меѓу косовската Беса Фамгас и хрватскиот Сесвете од третото коло на машкиот Европски Куп што ќе се одигра во Пеќ на 11 декември со почеток во 19:00 часот.