Струга создава конкурентен тим – се преговара со искусно трио од Вардар и Бутел!

Екипата на Струга за претстојната сезона создава конкурентен тим, кој ќе биде составен од искусни и млади ракометари, дел од нив поранешни репрезентативци на Македонија, кои сигурно ќе бидат од голема помош за тимот. Струга со нивното доаѓање ќе ги пополни испразнетите места откако по завршувањето на сезоната си заминаа Никола Цветаноски, Петар Маркоски, Урош Лазаревиќ и Богдан Ѓуровиќ.

По ангажирањето на црногорскиот интернационалец од Еурофарм Пелистер 2, Мерис Бошњак, како и продолжувањето на договорот со голманот од БиХ, Дејан Рикановиќ, раководството на Струга посакува во своите редови да ги врати поранешните репрезентативци на Македонија, Златко Мојсоски и Велко Маркоски, а има интерес и за искусниот Јовица Младеновски.

Екс репрезентативецот на Македонија, Златко Мојсоски последните четири сезони беше дел од Бутел Скопје. Десното крило во матичниот клуб би можело да се врати после 23 години и се очекува со своето акумулирано суперлигашко искуство да биде од голема помош за екипата на Струга.

Мојсоски во својата кариера беше дел и од екипите на Вардар, Металург, ВВ Тиквеш, Прилеп, Работнички и некогашниот Еурофарм Работник. Пред неколку месеци беше назначен за селектор на женската репрезентација во ракомет на плажа.

Велко Маркоски во вториот дел од минатата сезона играше во Вардар, а во редовите на некогашниот македонски шампион премина токму од Струга. Искусниот ракометар, кој има и интернационално искуство стекнато во хрватскиот Загреб и романската Констанца, во Супер лигата настапуваше и за Металург, Зомимак и Работнички.

Левиот бек Јовица Младеновски исто како и Мојсоски, во тимот на Бутел Скопје настапуваше од сезона 2018/19. Младеновски во суперлигашот од Скопје беше меѓу најдобрите стрелци и тој би требало да биде замена за Никола Цветаноски на позицијата лев бек. 36-годишниот ракометар пред да се пресели во Бутел играше за Охрид, Зомимак Струмица, Металург и Пролет.

Ривали на Струга во новата сезона од регуларниот дел во Супер лигата се Куманово, Тиквеш, Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2, Аеродром и Охрид.