Стоилов: Вардар врти нов лист, ќе го вратиме таму кај што му е местото!

Легендарниот Стојанче Стоилов реши да ја заврши играчката кариера и ќе му биде асистент на тренерот Владо Недановски следната сезона.

Покрај оваа функција тој ќе биде координатор и на младинските школи во „црвено-црниот“ клуб, кои во последните неколку сезони не работеа според планот.

„Јас сакам да работам само со луѓе со ентузијазам да помогнат на Вардар. Низ годините видов убави работи од Вардар, знам како се чувствував кога бев дел од тоа. За жал, во последните години Вардар беше оставен сам на себе, со многу опструкции, но мислам дека сме подготвени да свртиме нов лист. Целта е да го вратиме Вардар онаму каде што припаѓа, пак да биде шампион на Македонија и да игра во Лигата на Шампионите. Можеби тоа нема да се случи веднаш, но ќе работиме за таа заедничка желба да се реализира. Нема да биде лесно, ни претстои многу работа, но веруваме во потенцијалот што го поседуваме“, изјави Стоилов.

Вардар кон крајот на август го очекува квалификациски двомеч со бундеслигашот Рајн Некар Левен за место во Лигата на Европа, а претходно екипата ќе настапи на традиционалниот Струшки турнир.