СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2022 ГОДИНА!

Годината што помина беше исполнета со многу ракометни натпревари, без разлика дали се работеше за клупско или репрезентативно ниво. За разлика од претходната 2020 година, кога многу натпревари беа одложени или откажани, во 2021 клубовите и ракометните фанови научија да функционираат во „новото нормално“, па минатата сезона го дочека крајот на терен, а новата исто така стартуваше и се игра(ше) според планот.

Годината стандардно ни започна со настапот на машката сениорска репрезентација на големо натпреварување. Иако не беше изборено на терен, Македонија како резерва го зема местото на Чешка, но на Мундијалот во Египет не се прослави. Беа забележани убедливи порази од домаќинот и од Шведска, додека беше совладана селекцијата на Чиле во првата фаза. Во главната рунда, Македонија убедливо загуби од Словенија, Русија и Белорусија, па на крајот заврши на 23 место во конечниот пласман.

По промената на селекторот Данило Брестовац, на клупата со Кире Лазаров, Македонија го победи актуелниот светски првак Данска во рамките на квалификациите за ЕП 2022 година, а потоа беа совладани уште Швајцарија дома и Финска на гости, па со поразот од Данска, нашата селекција обезбеди учество на континенталниот собир. Во 2021 година беа одиграни и осум пријателски натпревари – две победи над Чиле, по два пати бевме поразени од Србија и Египет, додека во двомечот со Кувајт, Македонија прослави два триумфи.

Женската сениорска репрезентација првата акција ја имаше во март кога со трите победи на квалификацискиот турнир во Скопје против Литванија, Грција и Исланд, обезбеди место во баражот за СП. Ривал во баражот ни беше Романија, која трумфираше во двата меча. По двата порази следуваше промена на селекторската позиција, па на местото на Симе Симовски, дојде Љубомир Савевски. Со новиот селекторот, сениорките тргнаа со два порази од Црна Гора во ЕХФ Евро Купот, а кон крајот на годинава одиграа две пријателски средби против Србија, на кои беа забележани два порази.

Во младинските категории, три македонски селекции играа на ЕХФ шампионатите. Најголем успех постигна женската кадетска, која го освои златниот медал на ЕХФ шампионатот во Клаипеда, а со тоа беше изборено место на ЕП за кадетки и младинки во 2023 година, како и на кадетското СП 2022 во Грузија. Нашата репрезентативка Ива Младеновска беше прогласена за МВП, додека Марија Јовановска и Теодора Дукоска влегоа во идеалниот тим. Во финалниот натпревар беше совладан Исланд, а на патот до финалето беа совладани Финска, Литванија и Косово (со еден пораз од Шпанија), како и Полска во полуфиналето.

Женската младинска репрезентација играше на ЕХФ шампионатот во Скопје и заврши на шестото место. Во групата беа совладани Косово и Бих, а Македонија одигра нерешено со Фарски Острови и загуби од Холанија. Во дуелите за пласман, младинките славеа над Финска, а загубија од Исланд, што беше доволно за шесто место. Македонското лево крило Сара Миновска, беше дел од Ол Стар тмот како најдобро лево крило.

Машката кадетска репрезентација беше дел од ЕХФ шампионатот во Скопје и заврши на второ место. Во групата, Македонија загуби од Грција, а ја победи Полска, додека во полуфиналето нашите кадети во драматичен натпревар ја елиминираа Швајцарија. Во финалето избраниците на Кире Лазаров се соочија со Полска, која овојпат не ни дозволи да се радуваме на триумф и место на ЕП за кадети и младинци. Во идеалниот тим на ова натпреварување влегоа средниот бек Марко Митев, кој беше и МВП, и Петар Атанасијевиќ беше прогласен за најдобро лево крило.

Вардар имаше сезона за заборав во Лигата на шампионите, бидејќи во групната фаза заврши на седмото место, што му донесе за ривал Веспрем во осминафиналето, а таму унгарскиот тим славеше две убедливи победи. Да не беше промената на правилото поради коронавирусот, Вардар ќе останеше без место во елиминациите. Ниту во новата сезона не е многу сјајно, но македонскиот првак се уште има шанса да се избори за место во елиминациите. На местото на Веселин Вујовиќ ќе дојде Давид Дејвис, па сигурно апетите на „црвено-црната“ армија ќе бидат зголемени. Во СЕХА лигата, вардарци изборија место на Ф4 преку Загреб, но таму беа „службено“ елиминирани, откако еден ракометар имаше позитивен тест на коронавирус. На домашната сцена, Вардар ја освои дуплата круна. Во првенството, „црвено-црните“ беа подобри во меѓусебниот двобој од Еурофарм Пелистер (триумф 35-27, пораз 29-25), додека на Ф4 во Купот беше совладан Металург во полуфиналето со 27-22, а во финалето битолскиот тим со 27-25.

Еурофарм Пелистер стигна до елиминациите во Лигата на Европа, но таму беше поразен на два пати од силниот Магдебург, кој подоцна стигна да трофејот во ова натпреварување. На меѓународна сцена битолчани беа дел и од СЕХА лигата, но беа елиминирани во четвртфиналето од Мешков Брест со два порази. На домашна сцена, Еурофарм Пелистер остана без трофеј, откако Вардар беше подобар и во првенството и во Купот, но тие го освоија Супер Купот пред стартот на новата сезона и малку ги залечија раните. Во новата сезона, одлично им оди на избраниците на Жељко Бабиќ во Лигата на Европа, ќе се борат во февруари и за првите две позиции во групната фаза.

Од машките екипи, Металург се избори за место во Лигата на Европа, но се откаже поради барањето на финансиски гаранции од ЕХФ, додека Пролет во истото натпреварување настапи во првото коло и беше елиминиран со победа и пораз од шпанскиот Гранољерс.

На домашна сцена, составот на Скопје се избори за место во Суперлигата, откако беше супериорен во Првата лига, додека второпласираниот Шампион не успеа да го елиминира суперлигашот Радовиш во бараж пресметката.

Во Женската лига, тимот на Куманово се прошета до двојната круна во Македонија. Во првенството со 23 победи и едно реми стигна до титула, додека во Купот беа совладани Металург со 27-23 и Вардар со 26-18 за трофејот. Кумановки оваа сезона се откажаа од настапот во Европа. На домашна сцена повторно по 14 кола немаат пораз и ќе влезат убедливо во плеј-офот во февруари. Шансата од позадина ќе ја чекаат Вардар, Чаир, Металург и Ѓорче Петров.

На европска сцена во новата сезона се пробаа Чаир, Деспина, Металург и Вардар. Чаирчанки со два порази од Х71 од Фарски Острови беа елиминирани од Европскиот Куп, исто како и Деспина која играше со шведскиот тим Скара, а во истото натпреварување Металург со победа и пораз од Дуделанж од Луксеммбург се збогува со настапите. Само тимот на Вардар успеа да го мине второто коло со двоен триумф над косовскиот тим Приштина, но во следната рунда со пораз и реми, беше елиминиран од холандскиот тим Јуро Унирек.

Во младинските категории се одиграа завршни турнири во сите категории. Кај пионерите најдобра беше Струга, кај кадетите Металург, додека кај младинците титулата ја освои Голден Арт. Кај пионерките славеше Ѓорче Петров, кај кадетките шампион беше Стружанка, додека кај младинките титулата ја освои Куманово.

Во 2022 година, веќе во јануари не очекува настапот на сениорите на ЕП во Унгарија и Словачка, потоа баражот или баражите за СП 2023 во Полска и Шведска, како и стартот на квалификациите за ЕП 2024 година во Германија. Сениорките ги чекаат по два меча со Словенија и Норвешка во ЕХФ Евро Купот, како и настапот на ЕП 2022, на кое сме домаќини. Со оглед на пласманот на ЕП, избраничките на Савевски нема да играат квалификации за СП 2023, па ќе имаа директно место во баражот. Од младинските селекци, кадетките ќе играат на СП во Грузија додека кадетите и младинците ќе бидат активни на ЕХФ шампионатите. Вардар го очекува продолжението од сезоната во ЛШ и стартот на СЕХА лигата, додека битолчани ја продолжуваат авантурата во ЛЕ и во регионалното натпреварување. На домашна сцена повторно овие две екипи ја водат главната битка, па од февруари не очекуваат жестоки дуели во Суперлигата и во Купот на Македонија. Тука се стандардните натпревари во Првата и во Женската лига, како и натпреварите во младинските категории, па нема да ни фалат ракометни возбудувања и во 2022 година.

СРЕЌНА НОВА РАКОМЕТНА 2022 ГОДИНА!