Србија немаше сили за пресврт, Шведска слави први бодови на ЕУРО2022

Репрезентацијата на Шведска ги освои првите бодови во премиерниот настап во група Б од Европското првенство во ракомет за жени чии домаќини се Македонија, Словенија и Црна Гора. Скандивките беа поуспешни од репрезентацијата на Србија во Целје и победија со резултат 27-21(14-9). Шведска имаше десет голови разлика, но дозволија Србија комплетно да се врати игра и да намали на само четири голови во 52 минута, но по тајм-аутот на селектор на Србија-Брегар, не успеаа да искористат два напади во низа и ги загубија шансите за комплетен пресврт на овој дуел.

Србија не ги користеше своите шанси во првото полувреме па дозволи Шведска да замине со голема предност на полувремето. Уште од самиот почеток Шведска создаде два гола предност, а до 10. минута разликата порасна на четири погодоци.
Но во средината на првиот дел Србија успеа да се врати во игра и да намали на само еден гол негатива (8-7 22′). Сепак лошиот финиш на Србинките во првото полувреме им овозможи на скандинавките да го искористат своето најопасно оружје, контра-нападот и да дојдат до највисоките „плус пет“ 13-8 во 26.минута, разлика со која завршија првите триесет минути (14-9).

Лошиот почеток на второто полувреме ја чинеше Србија бодови во првото коло. Некоординиран и недисциплиниран напад, пропуштени шанси и грешки во нападот ја зачинија доминацијата на Шведска по паузата, па Швеѓанките во 40. минута имаа двоцифрена предност 20-10.
Во средина на второто полувреме српската голманка Кристина Граовац имаше свои моменти, одбраната одигра поквалитетно, па негативата на избраничките на Урош Брегар се намали на четири голови (23-19 51.минута).
Во интересна завршница Србија имаше напад за намалување на разликата на само три голови, но ниту тој ниту втората шанса која им се укажа благодарение на расположената голманка Граовац, не ја искористија.
Во последните пет минути Шведска влезе со шест гола предност, разлика која беше доволна да се сочува победата на овој дуел. На крајот Шведска се радуваше на првата победа на ЕУРО2022 со конечен резултат 27-21.
Најпрецизна во составот на Шведска беше Хагман со 9 голови, а ја следеше Болм со 5 погодоци. Кај Србија Стамениќ постигна 6 голови, Ковачевиќ 4, а Бојичиќ и Лишчевиќ по 3 голови.
Шведска и Србија се во групата Б каде Словенија го направи првото изненадување со победата над фаворизираната Данска.