„Спортската инфраструктура во Прилеп е најлоша“

Тимот на Прилеп ја продолжува традицијата и ова лето ќе го организира меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Ова лето ќе се одржи седмото издание на турнирот посветен на прилепската легенда со учество на шест екипи, кои ќе бидат поделени во две групи.

На турнирот покрај домаќинот Прилеп, ќе играат уште три екипи од Македонија – Струга, Скопје и новиот прволигаш Мулти Есенс, како и две екипи од странство – Дубочица од Лесковац и ПАОК од Солун.

Денес беше објавена агендата за седмото издание на турнирот, а свое обраќање по повод одржувањето на турнирот имаше Рубинчо Седлоски, кој е еден од членовите на организацискиот одбор и кој истакна дека доколку немаше помош од приватниот сектор и од локалната самоуправа, турнирот нема да можеше да се реализира.

„Без приватниот сектор оваа година немаше да се организира меморијалниот турнир, бидејќи трошоците се поголеми, гостуваат екипи од странство. Околу организацијата имавме проблем. Долго време зборувам дека спортската инфраструктура во Прилеп е најлоша во Македонија. За жал ја баравме универзалната спортска сала, но од Јавното претпријатие за стопанисување немаме одговор. Доколку ја добиевме таа сала, организацијата ќе беше на уште повисоко ниво“, изјави Седлоски во дел од обраќањето на денешната прес конференција.

Турнирот ќе се игра три дена, од 26 до 28 август. Првите два дена ќе бидат одиграни натпреварите по групи, додека на последниот ден ќе се игра за пласман. Натпреварите ќе се играат во салата при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп, а влезот за сите љубители ќе биде слободен.

Познати распоредот и саатниците за меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“