„Со Македонија ја победив мојата Русија на ЕП“

Покрај тоа што Александар Панов беше тренер на Кометал Ѓорче Петров, тој беше дел и од репрезентацијата и тоа во својот прв претстој меѓу ѓорчепетровки.

Во интервју за handballfast.com се потсети за деновите кога беше и дел од репрезентацијата на Македонија. Тој во 1998 година заедно со селекторот Владимир Радиќ ја предводеше Македонија на Европското првенство кое се одржа во Холандија, а ждрепката го однесе на дуел против неговата земја, Русија и на тој натпревар Македонија забележа победа.

„Со репрезентацијата на Македонија имав предизвик на Европското првенство во Холандија во 1998 година. Тогаш ја совлада селекцијата на Русија која беше предводена од Есков. Победивме со 25:23, а на крајот го освоивме 8. место. Одигравме добро првенство, но отанав само една сезона во националниот тим“, вели Панов.

На тоа првенство Македонија не можеше да смета на дел од ракометарките. Во тимот ја немаше Индира Кастратовиќ, која на Светското првенство година претходно беше најдобриот стрелец.