„Со еден тим ќе се пласирам на завршниот турнир во ЛШ, а таму ќе играм за друг?“

Плејмејкерот на Мец и репрезентативка на Франција, Грас Заади остро го осуди распоредот на натпревари предложен од ЕХФ за продолжението на сезоната после принудната пауза заради коронавирусот.

Кога ќе продолжат натпреварувањата Франција би требала да одигра четири натпревари во пет дена во рамки на квалификациите за ЕУРО 2020 што никако не им се допаѓа на ракометарките.

„Изгледа прилично нереално и тешко. Разбирам дека сакаат да направат добро, да се одиграат сите натпревари но што е со нашата физичка подготвеност. Месец и половина ќе бидеме без физичка активност, иако сите се трудиме да се одржуваме сепак е тешко. Кога ќе продолжат натпреварите треба да имаме време повторно да се подготвиме физички. Да одиграме четири натпревари за пет дена на високо ниво е невозможно“, коментираше Заади.

Исто така и одложувањето на завршниот турнир во Лигата на шампиони за септември не и се допаѓаа воопшто на Французинката.

„Одложувањето за септември на Ф4 во Лигата на шампиони сметам дека е сосема лудо. Веројатно е заради економски проблеми, но нема смисла на завршниот турнир да играме со сосема изменети тимови. Би сакала да се квалификувам со Мец, но доколку се пласира и Ростов на Ф4 би играла со нив бидејќи имам договор од летово со нив. Во Мец ќе завршам една приказна и би сакала да постигнам нешто со овој клуб. Оваа идеја на ЕХФ воопшто не ми се допаѓа. Живееме во неизвесна ситуација, сè зависи од многу фактори но работите треба да имаат симсла“, заврши Заади.

Французинката од наредната сезона ќе настапува во клубот од Русија, Ростов Дон. Заади во Мец пристигна во 2010 година, а веќе следната беше шампион на Франција. После десет години во сино-жолтиот дрес Грас Заади го напушта Мец и продолжува кон нови предизвици во кариерата.