Смајлагиќ е новиот селектор на БиХ

Според информациите на босанскиот портал ,,Спортспорт.ба”, нов селектор на машката сениорска репрезентација на БиХ е Ирфан Смајлагиќ кој ќе ја преземе функцијата од Тони Чолина. Искусниот тренер со раководството на ракометниот сојуз на БиХ се договорил на двегодишна соработка и во следните дена треба да го објави списокот на играчи за квалификациските натпревари за пласман на ЕП 2024.

Смајлагиќ, кој во својата тренерска кариера беше селектор на младинските репрезентации на Хрватска, работеше и како тренер во екипите на Босна Сараево, Замет и Локомотива Загреб. Во периодот од 2007 до 2009 беше селектор на репрезентацијата на Египет, а од 2015 до 2016 година ја предводеше и репрезентацијата на Иран.

Додека настапуваше за репрезентацијата на Хрватска, освои златен медал на Олимписките игри во Атланта (1996), сребрен медал на Светското првенство во Исланд (1995) и бронзен медал на континенталниот собир во 1994 година, на кој Португалија беше домаќин.

Со репрезентацијата на Југославија на Олимписките игри во 1988 година го освои бронзениот медал. Смајлагиќ во играчката кариера настапуваше за екипите на Замет, Иври, Ним, Загреб…

БиХ квалификациите за пласман на ЕП 2024 ќе ги започне на 13 октомври против Словенија, потоа три дена подоцна на свој терен ќе ја пречека Црна Гора. Ракометарите на БиХ освен со Словенија и Црна Гора ќе играат и со репрезентацијата на Косово. Босанците во првите квалификации за пласман на СП 2023 беа елиминирани од нашиот јужен сосед и утеха ќе бараат во квалификациите за континенталниот собир во Германија.