Случај Паниќ, втора епизода – „Неприфатливо е такво однесување на еден професионалец“

Пред извесен период ракометарот на Монпелје, Марко Паниќ изјави дека нема да настапува за репрезентацијата на БиХ сè додека на позицијата селектор се наоѓа актуелниот тренер на Загреб, Ивица Обрван.

Искусниот ракометар за босанската репрезентација не настапува веќе две години. Тој нема да биде ниту во националниот тим за Европското првенство во Унгарија и Словачка.

По неговите изјави, управниот одбор на Ракометниот сојуз на БиХ истакна дека неговото однесување во медиумите е неприфатливо со оглед на тоа дека ставот на Ракометниот сојуз на БиХ е играчите да настапуваат за својата држава, а не за одредени поединци.

„Во врска со медиумските настапи на Марко Паниќ „дека нема да игра за националниот тим додека Ивица Обрван е селектор“, одборот на Ракометниот сојуз на БиХ не го разбира начинот на кој Марко Паниќ го стори тоа и не ја разбира неговата одлука да не игра за националниот тим. Позицијата на управниот одбор на Ракометниот сојуз на БиХ е дека играчите играат за репрезентацијата на својата земја, а не за било кој поединец. Таквата комуникација и соопштение на одлуката е неприфатлива, бидејќи станува збор за еден професионалец“, се вели во соопштението на управниот одбор на Ракометниот сојуз на БиХ.

Едно од објаснувањата кое е најблизу до вистината е некое нивно недоразбирање од времето кога соработуваа на клупско ниво. Обрван му беше тренер на Паниќ во периодот од 2014 до 2017 година додека и двајцата беа во француски Шамбери.