Службени победи во Лигата на Европа: Коронавирусот однесе два тима во второто коло!

Европската ракометна федерација денеска донесе одлука да додели две службени победи на шведскиот тим Кристијанштад и полскиот Азоти Пулави, кои без борба обезбедија место во второто коло од Лигата на Европа.

Кристијанштад требаше да игра со норвешкиот Арендал, а Азоти против ривал од истата земја – Хаслум. Двата меча се откажани поради рестрикциите во Норвешка поради коронавирусот.

Натпреварите требаше да се играат на 29/30 август и 5/6 септември. Иако сите инволвирани страни ги направија сите напори да се игра, сепак норвешките власти не дозволија Арендал и Хаслум да ги организираат средбите.

Доколку се играше, норвешките тимови ќе мораат да поминуваат по две седмици во карантини, што е премногу сложено за нив. Ист ќе беше случајот и доколку се играше на неутрален терен еден меч.