Славје во Целје: Словенија во главна рунда, Србија се враќа дома!

Еден од домаќините на Европското првенство, Словенија се пласираше во главната рунда на континенталниот собир, откако славеше против Србија со 27-24. Србинките имаа и плус четири во првото полувреме, но комплетно беа надиграни во вториот дел од избраничките на Драган Аџиќ и се враќаат дома.

Во првите десетина минути се играше гол за гол до 4-4, пред Србинките да поведат со 6-4 и да ја одржуваат еден или два гола предност во следниот период. Нападот на Словенија не беше многу убоит, промашија Мавсар и Станко, па беа казнети од екс вардарката Петровиќ со гол за 11-7.

Избраничките на Урош Брегар имаа 13-10, но упорните домаќинки израмнија на 13-13. Сепак на паузата Србија замина со предност, 15-13, откако Радосављевиќ и Мајкиќ реализираа два пати, а последната акција на Словенија преку Грос и Мавсар не беше успешна.

Петровиќ даде гол за 16-13 на стартот на вториот дел, но потоа Панџиќ влезе во серија на словенечкиот гол и Србија имаше пост од десет минути без гол. За тоа време, домаќинките на ЕП реализираа дури пет пати и направија комплетен пресврт, 18-16.

Во продолжение Словенија играше трпеливо, погодуваше Омореги, а првпат поведе со плус три, 24-21, откако Лишчевиќ не реализираше цепелин по асистенцијата на Радосављевиќ. Беше и 25-22 на пет минути до крајот, па Урош Брегар мораше да бара тајм-аут.

Tоа не им помогна на неговите избранички, згора на се Бојичиќ доби црвен картон и немаше веќе назад. Србија со три порази го заврши ЕП и се враќа дома, додека Словенија продолжува во главната рунда во Љубљана. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Омореги со шест и Грос со пет гола, а кај Србија се истакна Радосављевиќ со шест погодоци.