Скубе си оди од Вардар: Ви благодарам за сè, патишта можеби пак ќе ни се спојат!

Словенечкиот интернационалец Сташ Скубе, иако беше врзан со договор со европскиот шампион Вардар, ќе си замине на крајот на оваа сезона.

Еден од најдобрите играчи во македонскиот тим последните три сезони, откри на својот Инстаграм профил дека ќе го заврши неговиот престој во Скопје.

Минатата година тој беше поврзуван со трансфер во Келце, ПСЖ, а сезонава се пишуваше за интересот од Мешков Брест и Хановер.

Скубе можеби го одигра последниот натпревар за Вардар против Нексе во СЕХА лигата, со оглед на тоа што се уште нема најави дека сезоната ќе биде продолжена.

Претходно од Вардар си заминаа Даинис Кристопанс во Фуксе Берлин и Павел Атман во Спартак Москва, а има најави и за други заминувања од актуелниот европски шампион.