Скубе: Македонците се луди навивачи, заслужуваат силен Вардар – уживање беше да се игра во Скопје!

На почетокот на април беше објавен трансферот на Сташ Скубе во амбициозниот белоруски првак Мешков Брест.

Словенечкиот интернационалец потпиша договор на две сезони, a во интервју за „Трибуна“ откри дека триумфот со Вардар во Лигата на шампионите му е меѓу најдрагите моменти во животот.

„Триумфот во Лигатаана шампионите ми е еден од најдобрите моменти во животот. Не можам да ја опишам таа среќа. Тоа беше мој прв Ф4 турнир и веднаш таква сензација. Работевме напорно за тој успех, се боревме во клучните мечеви до последната секунда. И покрај сите проблеми тимот покажа карактер. Горд сум на сите момци. Клубот покажа и тоа како голем карактер, немавме широка клупа, осум-девет играчи го понесовме товарот на Ф4. Секој даде повеќе од 100%. Можеби и среќата не посака на моменти, ама настап на Ф4 мора да биде заслужен. Чувствувавме дека можеме да ја освоиме ЛШ со тој ростер,без оглед на се. Мечот со Барселона беше многу потежок, затоа што губевме со седум гола на паузата, а потоа имавме импресивен кам-бек. Во финалето едноставно уживавме и немавме притисок. Тоа беше клучот за победата. Веспрем шест пати има играно Ф4, а нема титула, кај нив беше тој притисок. А, ние, немавме што да загубиме. Уживавме и одигравме врвен ракомет“, вели Скубе.

Словенецот се осврна и на пречекот на ракометарите во Скопје по освојувањето на титулата.

„Тоа беше бајка! Никогаш нема да ја заборавам. Еден од најимпресивните моменти. Македонците се луди навивачи. Најдобри во светот. Секој го сака Вардар, живеат за тој клуб. Задоволство ми беше што ги направив среќни. Се надевам дека клубот пак ќе остане на тоа високо ниво, затоа што има огромна поддршка. Луѓето заслужуваат силен тим. Уживање е да се игра пред полн „Јане Сандански“ и да те бодрат 7.000 навивачи. Горд сум што бев дел од Вардар“, додава средниот бек.

Вардар ако се пласира на Ф4 во СЕХА би играл во полуфиналето со Загреб, а доколку пак слави и таму може да се сретне со Мешков Брест или Веспрем.

„Ќе ми биде чест ако пак имам шанса да се сретнам со вардарци. Често играв против моите поранешни клубови. На пример, лани против ПИК Сегед. Во Словенија, против Тримо. Тоа е нормално, тоа професионален спорт и нема никаков проблем. Ќе дадам се од себе да му помогнам на Мешков. А на крајот од мечот со задоволство ќе седнам и ќе поразговарам со старите пријатели“, заврши Скубе.