Скопје 2020 со победа и во Неготино, момците славеа против поранешниот тренер

Екипата на Вардар Неготино загуби на домашен терен во плеј-офот од Првата машка лига против Скопје 2020 со 19:20. На овој дуел на клупата дебитираше Аце Станковски, кој до пред една недела беше дел од редовите на денешниот противник.

Од почетокот на средбата гостите беа во предност. Постојано имаа водство кое им даваше доза на сигурност додека ракометарите на домаќинот мораа да бркаат резултат и да се обидуваат да стигнат до нешто повеќе.

Највисоката позитива за Скопје беше при 8:4 на средината од првото полувреме. Сепак, до крајот на првиот дел домашните најдоа  игра за да се вратат во средбата. На одмор беше 14:14, а потоа во вториот дел имаше големо тактизирање односно игра во која и на едната и на другата страна имаше малку погодоци.

Постојано беше еден гол разика за гостите, но Вардар Неготино успеваше да израмни. Притоа повеќе акцент беше ставен на играта во одбрана, а особено беше интересно во завршната минута. Гостите поведоа со 20:18 со удар од пенал преку Мишевски. Потоа Кузманов намали на гол разлика, а за Скопје останаа помалку од 30 секунди. После тајм-аутот на 22 секунди до крај гостите се прекомбинираа, па на седум секунди до крај имаше тајм-аут за Вардар Неготино.

Имаше доволно време за напад, но финишот од акцијата не донесе погодок, па бодовите од оваа средба им припаднаа на момците од Скопје 2020 кои остануват лидери на табелата во плеј-оф групата од Првата машка лига.

ВАРДАР НЕГОТИНО – СКОПЈЕ 2020       19:20 (14:14)

Сала: Св. Кирил и Методиј во Неготино. Судии: Методија и Михајло Илиевски од Битола. Делегат: Игор Огненов од Битола.

ВАРДАР НЕГОТИНО: Јефремов, Божиновски, Недев, Ристов 2, Бор. Трпески, Бој. Трпески, Кузманов 6, Ташев 1, Ристовски 1, Грозданов 5, Пеовски 3, Митевски 1, Најдов, Минов, Орешков, Стаменов.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 8 мин.

СКОПЈЕ 2020: Стојковски, Михајловски, Трифуновски, Чакалиќ 7, Киселовски 5, Пешевски, Мелоски, Грујовски 4, Блажевски, Димчевски 2, Србиновски, Мирчевски, Мишевски 1, Димитријевски, Благопетров 1, Калајџиески.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 14 мин.