Скопје го доби трилерот со Деспина

Ракометарките на Скопје со драматична победа го стартуваа плеј-аутот во Женската лига, откако славеа над Деспина од Прилеп со 27-26, со пресврт во последните три минути. Иако домаќинките ја имаа контролата на мечот во поголем дел, сепак во финишот можеа да останат без планираните бодови.

Прилепчанки во 56 минута поведоа со 26-25, откако претходно двете екипи се изнапромашуваа и грешеа многу пати. Сепак голманката на Скопје, Петровска, одбрани еден удар на гостинките, еден заврши покрај голот, а на спротивната страна прецизни беа Радевска и Павлова за 27-26 и три бода за Скопје.

Во првиот дел Деспина водеше со 7-6, потоа пет гола во серија за Скопје и водство 11-7. На пауза се замина со плус три за избраничките на Радуловиќ и Будимир, 15-12.

Гостинките беа упорни и успеаја да израмнат на 20-20. Но девојките на Страшо Илиоски одново попуштија и Скопје се одлепи на 24-21. Домаќинките се опуштија, Деспина се врати во егал, 25-25, а потоа и поведе, но на крајот остана без ниту еден бод.

Најдобри стрелци кај Скопје беа Нина Неделковска со десет и Антонија Радевска со шест гола, додека кај Деспина се истакнаа Ангела Камческа и Адела Еленин со по седум погодоци.