Македонска репрезентативка вмешана во ДОПИНГ СКАНДАЛ!

Ракометната јавност во Романија изминатите денови беше шокирана од откриениот допинг скандал во тимот на Корона Брашов. Три романски репрезентативки поради тоа нема да играат на Мундијалот во Јапонија, а станува збор за Кристина Ласло, Бјанка Базалиу и Дацијана Хосу. Иако беше најавена за денеска, сепак не беше соопштена одлука за времетраењето на нивната суспензија.

Причината за пролонгирањето на одлуката е тоа што уште четири ракометарки на Корона Брашов, меѓу кои и македонската репрезентативка Наташа Нолевска, признале дека ја користеле недозволената интравенозна терапија во клиника во Брашов!

Романските медиуми информираат дека покрај Наташа Нолевска, останатите три ракометарки што дале исказ дека ја користеле терапијата се Елиза Бучечи, Дарија Букур, како и Ана Марија Лопатару. Романската антидопинг агенција, АНАД, реши да ги собере сите изјави од ракометарките што биле на третмани во клиниката,  па потоа ќе ја соопшти одлуката за должината на суспензијата.

Суспензијата на Нолевска тече од 27 ноември, а до кога ќе трае, ќе биде соопштено на 4 декември од страна на АНАД.

Случајот со допинг на Нолевска, е втор во македонскиот ракомет, по оној на Горан Кузманоски од Еурофарм Работник.