СКАНДАЛ ВО ЛШ: Мец „криел“ позитивен случај, Борусија одби да игра против нив

Во пресрет на осминафиналните  натпревари од Лигата на шампионите во женска конкуренција, Борусија Дортмунд, не отпатува во Франција за дуелите против Мец.

Двата тимови беа договорени првиот натпревар да го играат денес, а вториот в недела. Сепак раководството на Борусија Дортмунд испратило известување до францускиот клуб и до ЕХФ дека нема да патува во Франција.

Германците добиле известување во понеделникот од нивната федерација дека голманката на Мец и германска репрезентативка Дина Екерле е позитивна на коронавирус.

Екерле ја известила германската федерација, а тие ја препратиле информацијата до клубот, а оттаму велат дека тоа што Мец не го известил ниту ривалот, ниту ЕХФ за овој случај е скандалозно.

„Ова е скандалозно, затоа ние нема да патуваме и да играме. Ние сме одговорни за здравјето на нашите играчи и стручниот штаб“, велат од Борусија Дортмунд.

Европската ракометна федерација нема да ги помести за друг датум закажаните натпревари, а најверојатно е дека екипата од Германија ќе добие дисквалификација. Тоа значи и сигурен пласман на Мец во четвртфиналните дуели од Лигата на шампионите. Иако Борусија понудила да се игра само еден натпревар в недела, и тоа откако ракометарките на Мец ќе поминат неколку тестови на корона, сепак тоа било одбиено од ЕХФ.