„Сите сакаат да играат во Германија или Шпанија, а мојот сон се Балканот и Вардар…“

Еден од најдобрите ракометари на ГОГ Гудме оваа сезона, Симон Питлик, е во центарот на вниманието на данските медиуми.

19-годишниот среден бек, кој е син на прославениот тренер Јан Питлик, и на кој данските стручњаци му предвидуваат блескава иднина, во интервју за „БТ“ откри дека за разлика од другите скандинавци не сонува да заигра во Германија, Франција или Шпанија.

„Отсекогаш сум имал сон да заиграм во странство, како и повеќето дански ракометари. Но имам поинаков сон од останатите. За разлика од другите, јас сакам да играм за некој балкански клуб. Тоа е нешто за кое размислував многу. Фасциниран сум од стилот на игра во балканските клубови. Сите сонуваат да заиграат во Германија или Франција, а јас сонувам за Балканот за неколку години. Бев во Македонија и го гледав Вардар како игра. Импрсиониран сум од атмосферата и од начинот на кој играа. За такво нешто сонувам уште од дете“, вели Питлик за БТ.

Неговиот татко пред пет години беше кратко време дел од женскиот тим на Вардар. Спомените на Симон датираат од тој период, а тој дојде и лани во македонската метропола на кадетското Светско првенство, на кое беше еден од најдобрите играчи на Данска.