Син на поранешен македонски репрезентативец потпиша за Мотор Запорожје

Украинскиот шампион Мотор Запорожје следната сезона во своите редови ќе го има левиот бек Игор Турченко. Станува збор за еден од најталентираните украински ракометари кој настапува на левата бековска позиција, а претходно играше за ЗНТУ Запорожје.

Од лани е член на Мотор, играше за вториот тим, но беше пријавен за првиот тим и во ЛШ и во СЕХА лигата, каде што настапи на три средби меѓу кои и онаа во Скопје против Вардар.

Новиот тренер на украинскиот првак, Гинтарас Савукинас, најави дека посакува да го има во првиот тим, кој го очекува настапи во ЛШ или во Лигата на Европа, како и во регионалната СЕХА лига.

Игор е син на некогашниот ракометар на Младост, Сергеј Турченко. Тој долги години играше во Богданци, а потоа настапуваше и за Борец Тедико и Климент Охридски. Во меѓувреме доби и македонски пасош и настапуваше за македонската репрезентација во квалификациите за ЕП 1998.

Другиот син на Сергеј, Дмитри, своевремено беше дел една сезона во тимот на Прилеп, а настапуваше и за турските Трабзон и Јозат Бозокспор. Кариерата ја почна во Будивелник, играше за ЗНТУ Запорожје, додека минатата сезона ја мина во чешкиот тим Нове Весели.