Симовски: Му ја препуштаме фаворитската улога на Јарослав, но имаме наш стил и очекувам да го наметнеме

Женскиот шампион на Македонија екипата на ЖРК Ѓорче Петров попладнево и утре на домашен терен ќе ги одигра двата натпревара од осминафиналето на Европскиот куп, а противник им е полскиот тим Јарослав. Во таборот на македонскиот првак знаат за каков ривал станува збор, но нема да се појават со „бело знаме“.

Имаме респект за екипата која доаѓа од Полска. Добро се подготвувавме. Противникот е искусна екипа, а според квалитетот на полската лига секако дека треба да гледаме со респект. Заради искуството што го имаат им ја препуштаме улогата фаворит. Ние имаме наш стил, кој го негуваме и очекувам да го наметнеме, изјави тренерот на ЖРК Ѓорче Петров Симе Симовски.

Победникот од двомечот ќе обезбеди четвртфинале, а двата дуела се играат во салата во Автокоманда.

Домашниот терен е предност, но тоа не треба да не залажува ривалот е искусна екипа со неколку репрезентативки од Полска, Белорусија и Украина. Тоа се искусни ракометарки на возраст од 26-30 години. Мали проблеми ни прават и неколку повреди, но и сезонскиот грип, од причина што не можевме нормално да тренираме, потенцираше тренерот на македонскиот шампион.

Македонскиот првак Ѓорче Петров во 2.коло од квалификациите го елиминира исландскиот тим КА Тор (20:20 и 34:23). Двата натпревара се играа на Исланд и во третото коло од квалификациите со две победи на домашен терен над австрискиот тим Румс (45:26 и 40:26).

Почетокот на двата натпревара е во 18 часот, а влезот е слободен.