Симовски: Да ја израдуваме публиката и денеска со победа против Грција

Селекторот на Македонија, Симе Симовски има причина да биде задоволен од девојките за она што го направија досега во квалификациите за бараж за СП 2021, а денеска ги очекува уште еден натпревар на кој треба да финишираат во победнички стил.

На дуелот против Грција треба да се одработи најдобро што може, а девојките сигурно ќе знаат да го направат тоа. Сепак, Симовски е внимателен.

„Не треба да ја потценуваме. Имаат своја игра која ја негуваат, но не би требало да имаме проблем. Доколку одиграме одбрана како против Исланд на висина или ранг повисоко тогаш нема да има проблем“, вели Симовски за 24 Ракомет.

За девојките вели дека очекувал да ја покажат формата која ја демонстрираа бидејќи и на подготовките работеа максимално.

„Очекувано е сè. Беа дисциплинирани, но барам до крај да одиграат на истото ниво и да ја израдуваме публиката уште еднаш“.

Македонија е сигурно на првото место во Групата 2, а средбата денеска се игра од 17 часот. Сите очекувања се да биде забележана уште една победа за одлично финиширање на овие квалификации.