СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА НЕА: Каде е и што прави поранешната македонска репрезентативка Љубица Ѓоргиевска

Некогаш Љубица Бубе Ѓоргиевска, сега Хансен, е дел од славната генерација македонски ракометарки кои испишуваа историја со македонската репрезентација во 90-те години и на почетокот од новиот милениум.

За македонската репрезентација има одиграно повеќе од 120 натпревари и беше дел од националниот тим на две светски и едно европско првенство во периодот од 1997 до 2000 година. Таа е првата македонска ракометарка што заигра во тогаш престижната данска лига, направи успешна интернационална кариера, а потоа на македонското го додаде и славното данско презиме – Хансен.

Играше на позицијата лево крило, израсна во школата на РК Ѓорче Петров, беше дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров кога се пробиваше на европската сцена, Една сезона играше во ТАТ Пелистер, а оттаму во 1997 година замина во Данска. Интернационалната кариера ја почна во Хорсен, две сезони играше во Есбиерг, а ракометната кариера ја заврши во тимот на Роскилде во сезоната 2003/2004. Но, и по завршувањето на ракометната кариера, овој град остана нејзин дом полни две децении.

„Со сопругот Лассе и со нашата ќеркичка Флора живееме во Роскилде, на 30 км од Копенхаген. Флора игра ракомет, а тренира и спортска гимнастика како мајка и (се смее),  а Лассе пак обожува екстремни спортови. Долго време се занимаваше со триатлон, трча ултра-маратони и вози велосипеди во сите форми. Ракометот го познава само од мене, ако е Данец (хахаха)“ – раскажува Љубица и се присетува на тие денови на одлука да го продолжи својот животен пат во Данска и покрај носталгијата за Македонија.

„По завршувањето на кариерата имаше мала недоумица каде да се продолжи со нормален живот. Одлучив да останам во Данска. Одлуката не беше лесна, но немаше ни простор за многу двоумење иако имаше носталгија и знаев дека родителите и се што се сака од се срце физички ќе ми бидат многу далеку. По неколку години пауза од ракометот и обид да се вработам како настаник во Данска, со мојот сопруг Ласе кој тогаш се уште ми беше момче, одлучивме да направиме мала пауза од работните обврски со пат околу светот. Тие шест месеци ми беа едно од најубавите доживувања. По тоа шестмесечно патување по светот, комплетно и се посветив на мојата втора наставничка професија. Бидејќи во тоа време беше неизводлива нострификација на нашите дипломи, во Данска завршив факултет за наставник, а потоа и неколку специјализации за работа со деца со специјални потреби што ми е од голема полза во секојдневната работа како наставник во училиштето во кое работам“- вели Љубица Георгиевска Хансен.

Со ракометот ја поврзува нераскинливата врска од минатото, но и иднината бидејќи ќерката Флора тргна по нејзините стапки…

„Иако не сум активно вклучена како порано, останав поврзана со ракометот, сега и преку мојата ќеркичка Флора. Таа тренира ракомет во истиот клуб каде што јас ја завршив мојата ракометна кариера. А заедно со Флора, јас ја почнав и мојата тренерска кариера. Минатата сезона ја тренирав пионерската екипа на Роскилде со која го освоивме првото место на регионално Шеланд ниво. Се надевам дека спортската тренерска кариера полека ќе ја надоградувам и ќе имам можност и понатаму да го делам моето искуство и знаење на младите играчи кои го сакаат ракометот“ – истакнува Љубица.

Да живееш во Данска, а да не гледаш ракомет речиси е невозможно. Бубе освен на ќерката, својата љубов кон ракометот ја пренесе и на целото семејство за кое изминативе неколку години посебно доживување се настапите на Вардар на Ф4 во Келн и прославите со македонските навивачи.

„Ги следам ракометните збиднувања, колку што можам и директно. Посебно кога настапуваат македонските репрезентации или екипи. Со моето семејство редовно сме на Ф4 турнирот во Келн и минатите години ги славевме победите на Вардар заедно со македонските навивачи. Ќе видиме дали оваа година ќе биде изводливо поради коронавирусот, но влезниците се купени, чекаме и се молиме Вардар пак да влезе на Ф4. Го следам ракометот и од тренерска перспектива и сите промени и новини што се случуваат. Ги следам и нашите репрезентации и верувам дека еден ден ние ќе бидеме дел од европската и светската елита. Верувам бидејќи знам и никогаш не сум заборавила  дека во Македонија има голем потенцијал и квалитет. Долго време живеам во Данска, добро го познавам данскиот ракомет, следам и што се случува кај нас во Македонија, ги знам нашите квалитети и може тука да направам споредба – ние имаме деца од светска класа! Ни треба малку повеќе верба во сопствените квалитети и поголема психичка подготвеност, тоа се тие фактори на кои многупати паѓаме на испит. Верувам дека може да постигнеме многу поголеми успеси од досегашните, јас сум голем оптимист и секогаш стојам на располагање што можам да помогнам за македонскиот ракомет“ – вели поранешната македонска репрезентативка.

Тука неизоставно доаѓа и присетувањето на старите добри времиња во македонскиот женски ракомет, старите пријателства кои се негуваат и ден денес. Тие што се малку подолго во ракометот го паметат славниот тандем Љубица Ѓоргиевска и Билјана Наумоска, задолжен за позитивна атмосфера во тимот, нивната позитивна енергија и големото пријателство.

„Да, ми недостасуваат старите добри времиња. Ракометот ми е во крвта и секогаш ќе биде дел од мојот живот на било каков начин. Иако веќе сум заборавена во македонскиот ракометен свет, верувам дека се уште можам да придонесам за нашиот ракомет…Со Билјана Наумоска и ден денес сме добри пријателки и се гледаме секоја година. Биби живее во северна Германија, блиску до границата со Данска, се гледаме најмалку два пати годишно. Кога сме заедно често се присетуваме за старите добри времиња.“ – раскажува Љубица со малку носталгија.

Од тие времиња има и една анегдота за македонско-данската врска и за данскиот прекар на Бубе уште пред да стане Хансен

„Има една ангдота од пред многу години. Се сеќавам, игравме во Габрово, Бугарија и Зоки Кастратовиќ, сопругот на Индира, на шала ми викаше дека сум многу слична на Данците и дека не сум Бубе туку Бубенсен (хахаха). И после неколку години, јас навистина станав Хансен. А здравје боже, ако Флора продолжи по моите стапки, и во иднина македонскиот ракомет,  вака-така ќе има Хансени. Флора е и крстена во македонска црква и кога ќе заврши ова со коронава, треба да добие двојно државјанство.“

Што се однесува до актуелната ситуација со светската пандемија, Љубица вели дека во Данска малку порелаксирано се справуваат со вонредната состојба поради коронавирусот и настојуваат активно да го искористат дополнителното слободно време со семејството.

„Тука може нормално да се движиме, нема ограничувања, само забранети се собири во големи групи повеќе од 10 луѓе и препораката е да се одржува растојание од два метри. Што се однесува до нас, за мене за Флора и Лассе воопшто не ни е тешко да останеме повеќе време дома. Имаме голем двор со трамболина, air track и со справи за вежбање и по цел ден сме таму“, заврши Георгиевска Хансен.

СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА НИВ – Прочитајте ги сториите за ракометарите и ракометарките што оставиле трага во Македонија.

Олга Бујанова
Тихомир Додер
Лариса Кисељова
Михаил Чипурин
Иван Телепњев
Алегра Охоланга Локи
Луминица Дину