СЕ СЕЌАВАТЕ ЛИ НА НЕА: Каде е и што прави некогашната македонска репрезентативка Лариса Кисељова

Една од ракометарките која остави голема трага со игрите во редовите на Кометал Ѓорче Петров, но и во репрезентацијата на Македонија е Лариса Кисељова. Таа потекнува од составот на Ростелмаш Ростов, каде играше до 1996 година, пред да се пресели во Скопје, каде мина остана до 2007 година.

Со Кометал Ѓорче Петров настапуваше во Лигата на шампионите, стана европски првак во 2002 година, откако во финалето во Скопје падна унгарскиот Херц. Покрај селекциите за СССР и Русија, играше и за нашата репрезентација на пет големи натпреварувања.

Додека Кометал беше суспендиран од страна на ЕХФ поради инцидентот со Гунар Прокоп, во сезоната 2000/01, Кисељова одигра една сезона во австрискиот Хипо, додека по заминувањето од Скопје беше дел од матичниот Ростов Дон и потоа уште една сезона во украинскиот Карпати Ужгород, пред да ја заврши богатата кариера.

Во 2017 година после десет години пауза дојде во Скопје, тогаш на прославата на 15 години од титулата која Кометал Ѓорче Петров ја освои во Лигата на шампионите. Секако треба да се знае и тоа дека нејзината ќерка Суна е родена во Скопје, а кога имала три години тие заминале во Русија, а во 2017 година првпат го виде градот во кој е родена.

Последен пат во Македонија беше летото 2019 година, кога заедно со некогашните колешки од Кометал Ѓорче Петров и од националниот тим присуствуваше на натпреварите од Светското првенство за кадети.

„Скопје е изменето, но сите мои пријатели од времето кога настапував тука се овде. Дојдов во Скопје на гости кај Индира, за да прошетаме, да се дружиме, да се видиме, да поразговараме“, изјави летоска Кисељова за 24Ракомет.

Таа во моментов работи во Ростов и како професорка, но и како тренер. Вели дека играњето на ракомет не и недостига, бидејќи и понатаму е активна во овој спорт.

„Во моментов работам како професорка на Универзитетот во Ростов. Таму полагав и таму работам веќе десет години. Играњето ракомет не ми недостига, но не можам без овој спорт. Постојано го следам и знам што се случува и што е ново. Покрај тоа што сум професорка, јас сум и тренер на машката селекција на факултетот каде што работам“.,продолжува некогашното лево крило.

Воедно вели и дека не пропушта натпревари на тимот на Ростов, но и на Вардар во Лигата на шампионите.

„Следењето на натпреварите на Ростов е задолжително. Постојано ги гледам девојките. Секако секогаш имам време да ги гледам и натпреварите на Вардар така што добро знам што се случува секогаш“, рече Кисељова за 24 Ракомет.

Таа беше една од најдобрите и најзаслужните што Кометал Ѓорче Петров во 2002 година стигна до титулата во Лигата на шампионите. Поради тоа истата година ја доби наградата 13 Ноември и беше прогласена за Спортист на Скопје. Во Русија е одликувана со две државни признанија и е заслужен спортист во нејзината прва татковина.