Најдобриот стрелец во редовите на Еурофарм Пелистер 2, Јован Талевски заработи повреда во текот на второто полувреме од дуелот против ГРК Тиквеш на кој неговиот тим на домашен терен претрпе пораз од 29:30.
Талевски го доигра натпреварот, но не можеше да даде максимум. Мораше да внимава на ногата на која имаше болки во прв момент. Иако делуваше сериозно во изјава за 24 Ракомет тој вели дека после средбата се чувствува подобро.
Сепак, нема да се препушта ништо на случајот и ќе мора да се направи снимка за да се види за колку сериозна повреда се работи. После снимањето ќе има детални информации дали се работи за некаква повреда и дали ќе треба да мирува така што засега останува сè на информациите кои ги пренесува Талевски во изјавата.
„Во еден момент незгодно нагазив на нога на еден од противничките ракометари. Во истиот момент почувствував болка. Бевме во ситуација кога бркавме резултат и почнувавме да се доближуваме и сакав да му помогнам на тимот и затоа не сакав да го напуштам теренот. Сакав да продолжам. Одиграв до крај со отечена нога. Стиснав заби за да одиграм до крај од натпревар, но не можев да одам еден на еден и да направам финта, но сакав да придонесам за подобар резултат. За жал не успеавме да дојдеме до бодови на оваа средба. Во прв момент се чинеше дека се работи за сериозна повреда, но сега сум далеку подобар. Немам болки и можам да се движам така што мислам дека нема да биде проблем. Сепак, во текот на утрешниот ден ќе морам на снимање за да се види дали има некакви проблеми“, изјави Јован Талевски за 24 Ракомет.
Оваа повреда доаѓа во незгоден момент и доколку тој не може да игра в петок во 5. коло тоа може да биде голем проблем бидејќи тогаш тимот од Битола гостува во Скопје кај тимот на Бутел.