Се одигра втор дуел од СЕХА: Пермски Медведи сигурен против Гомел

Откако во текот на вчерашниот ден со мечот од Дивизијата Исток меѓу рускиот првак Чеховски Медведи и белорускиот вицепрвак СКА Минск стартуваше новата сезона во СЕХА лигата, денес се одигра уште еден натпревар во ова натпреварување.

Екипата на Пермски Медведи на гостувањето кај белорускиот Гомел забележа сигурна победа, која што беше изразена со осум гола разлика, 38:30.

Рускиот тим победата ја обезбеди уште по првото полувреме, кое што заврши во негова корист со 18:13, додека во вториот дел домаќините  немаа доволно сила за да им парираат на расположените гости.

Најефикасни во победничката екипа беа Кирил Воронон и Максим Саликов, кои во мрежата на домаќинот постигнаа по седум гола.

Во поразениот табор се истакнаа Михаил Пиљук и Андреј Јашченко. Двајцата ракометари постигнаа вкупно 21 гол. Пиљук имаше 11 реализации, додека Јашченко десет пати се запиша во листата на стрелци.