Jozo Cabraja / kolektiff

СЕХА Ф4 2022: Веспрем е сепак пресилен – Еурофарм Пелистер ќе игра за бронзениот медал

Во дебитантскиот настап на СЕХА Ф4 турнирот тимот на Еурофарм Пелистер ќе игра за третото место и бронзениот медал. Фаворитот Веспрем победи со 41-27 (24-16) и беше пресилен за македонскиот вицепрвак кој ќе игра против Нексе во недела во Задар.

Уште во првото полувреме беше решен победникот на мечот кога Веспрем со серија од 4-0 поведе со 9-5 по 10 минути играње. Техничките грешки на нападот на Еурофарм Пелистер им овозможија на Унгарците лесно да постигнуваат голови, а потоа на моменти и одбраната „пукаше“. Манел Штрлек и Микита Вајлупов постигнаа заедно 12 гола во првото полувреме, со само едно промашување. Двапати бараше тајм аут тренерот на Еурофарм Пелистер во тој период, но разликата се зголемуваше.

Ненад Костески го постигна првиот гол за Еурофарм Пелистер на СЕХА Ф4 турнирите најавувајќи дека битолчани нема да му дозволат на унгарскиот тим лесно да реализира. На секое водство на Веспрем веднаш се одговараше со гол за израмнување. Почетокот ветуваше неизвесност и борба. И така и беше на почетокот.

Во 8 минута Унгарците првпат поведоа со „плус 2“ за водство 7-5 откако нападот на Еурофарм Пелистер направи техничка грешка. И на следната грешка и празниот гол на македонскиот тим, со нова контра Мануел Штрлек реализираше за водство 8-5. Мало невнимание во нападот и грешка во играта веднаш се казнуваше со гол, па Веспрем за четири минути направи серија од 4-0 и веќе водеше со 9-5. Причина Ларс Валтер да побара тајм аут.

Се стабилизираше играта на Еурофарм Пелистер во следните минути, но остана предноста од четири гола во корист на Веспрем. Одбраната на нашиот тим „лесно пукаше“ и се наоѓаше пукнатина во нашата одбрана. Во 15 минута првпат предност беше „плус 5“ за водство 13-8. Тренерот Валтер се обидуваше да ја разбие одбраната на Веспрем со игра „7 на 6“, и тоа донесе плод, но лошо се вршеше замената на играч со голман, па Веспрем лесно го погодуваше нашиот празен гол.

Предноста на Веспрем почна да се зголемува и во 19 минута тие веќе имаа предност од 18-10, со двете контри на Вајлупов. И повторно мораше да реагира клупата на Еурофарм Пелистер и тренерот Ларс Валтер барајќи го вториот тајм аут на натпреварот. Советите беа да се реализираат нападите бидејќи после секоја грешка следуваше казна на спротивната страна.

Петминутниот пост без гола за Еурофарм Пелистер го прекина Цветан Кумановски во 20 минута, ама секогаш брзо следуваше гол реализација. Осумте гола разлика веќе беа голема предност за фаворитот Веспрем. И така остана до полувреме кога Веспрем веќе имаше висока предност од 24-16.

За само седум минути од второто полувреме Веспрем веќе ја мина границата од „плус 10 “ и водеше со 29-18, а потоа си ос 31-19. Немаше дилеми кој ќе победи, туку единствено непознато беше со која разлика Веспрем ќе се пласира во финалето.