СЕХА лигата продолжува: Вардар и Еурофарм Пелистер ги дознаа ривалите за новата сезона (ФОТО)

Екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер и во следната сезона ќе бидат дел од СЕХА лигата и ќе бидат дел од списокот на кој се наоѓаат десет екипи од седум земји.

Исто како и лани и годинава по две екипи ќе имаат Македонија, Србија и Хрватска, додека по еден тим имаат Белорусија, Украина, Словачка и Унгарија.

Тимовите се веќе поделени во две групи. Во Групата А се ППД Загреб, Еурофарм Пелистер, Татран Прешов и Партизан, додека во оваа група како носител е поставен Веспрем, кој директно обезбедува пласман во четврт-финалето.

Носител на групата Б и директен учесник во четврт-финалето е Мешков Брест исто како лани. Во оваа група се Вардар, Мотор Запорожје, Нексе и Војводина.

Системот за играње е истиот како и лани. Првите две екипи од групната фаза одат во четврт-финалето, додека третопласираните и четвртопласираните ќе мора да разигруваат во бараж и да одат на дуел со Веспрем односно Мешков Брест.

Познат е комплетниот систем како да се стигне до Ф4 турнирот кој може да се види на фотографијата, а во следните денови ќе биде познат и комплетниот распоред со термините за одигрување на натпреварите.