Серијата продолжи и во Прешов, Вардар лесно и убедливо против Татран

Вардар продолжува со победничкиот ритам во кој се наоѓа, а нова жртва беше составот на Татран Прешов. Со триумфот од 29:22 денеска беа обезбедени нови три бода така што вардарци се враќаат на лидерското место во групата А кое го загубија со поразот од Мотор Запорожје во 2. коло.

Почетокот на средбата мина во израмнета игра. Татран Прешов поведе на стартот, но после 1:0 и 2:1 следуваше серија на вардарци и водство од три разлика. Предноста од 5:2 даде убав патоказ за средбата, а беше обезбедена во 13. минута.

Домашните израмнија користејќи лош период во играта на Вардар. Седум минути немаше гол, а тоа допринесе за 5:5 во 20. минута од натпреварот по што пет минути се играше гол за гол. Откако на семафорот стоеше 7:7, Вардар успеа да направи одново два гола разлика и на одмор да замине со 10:8.

Вториот дел почна со гол на Татран Прешов, но на овој погодок за 9:10 следуваа дури пет пд Вардар за 15:9 и практично за одлука околу победникот. Отпорот на Татран беше скршен така што веќе можеше да се игра помирно. На моменти имаше отпор од голманот Чуприна, но не можеше самиот да се бори против разиграните вардарци.

Сепак, во 53. минута десетте гола позитива од 27:17 беа доказ дека на овој дуел Татран нема да има шанса и дека ќе мора да се помири со нов пораз на двобоите со „црвено-црните“.

Ова беше 12. меч во серија на кој Вардар го надигрува тимот на Татран Прешов така што само ја продолжи успешната серија која трае речиси шест години.

ТАТРАН ПРЕШОВ – ВАРДАР      22:29 (8:10)

Сала: Татран арена во Прешов. Судии: Иван Мосорински и Александар Панџиќ од Србија.

ТАТРАН ПРЕШОВ: Цвитковиќ (2 одб.), Чуприна (10 одб.), Рабек 6/13, Ѓериќ 1/1, Лапајне 5/9, Магдолен 0/1, Крок, Чабезон 0/3, Хозман 1/2, Вучко, Фодореан 2/4, Кравчак 1/2, Михалка 3/4, Грзентиќ 0/1, Чарапкин 1/3, Афану 2/5.

Седмерци: 0/4, Исклучувања:

ВАРДАР: Кугис 0/1 (12 одб., 2 сед.), Кизиќ (1 одб., 2 сед.), Гедбан, Кукуловски 1/1, Димитриоски 1/3, Кристопанс 3/4, Карапалевски, Пелко 3/3, Атман 0/1, Скубе, Калараш 3/3, Чупиќ 3/4, Дибиров 5/9, Горбок 4/8, Шишкарев 4/6, Горпишин 2/3.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 4 мин.