Серафимов: Задоволство и привилегија е да се учи од најдобриот во светот

Машката репрезентација на Македонија ја очекуваат последните две средби од квалификациите за Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.

Избраниците на Кире Лазаров ги чека гостување кај Финска и домашен натпревар против Швајцарија.

Десниот бек Мартин Серафимов, кој игра во одлична форма оваа пролет во дресот на Металург, очекува победи против двете репрезентации.

„Одлично се чувствуваме, победата над Данска многу ја крена атмосферата во националниот тим, многу надеж ни даде, па сега останува да ги довршиме квалификациите како што сакаме и очекуваме“, вели Серафимов.

Иако веќе сме на ЕП, Серафимов посакува во победнички стил да ги завршиме квалификациите.

„Како и да е, ние одиме на победи на двата меча, иако нема резултатски притисок, заслужуваме да победиме и против Финска и Швајцарија. Ние сме поквалитетни од Финска, останува само да одиграме како што знаеме“, продолжува Серафимов.

Тој откри дека за него е задоволство да учи од Кире Лазаров.

„Кире Лазаров и како соиграч и како капитен го има истиот однос кон играчите. Од него има многу да се учи. За мене лично бидејќи игра на мојата позиција, за мене е најголемо задоволство и привилегија да учам од најдобриот во светот“, заврши Серафимов.

Мечот меѓу Финска и Македонија се игра на 28 април во Рихимаки од 17:00 часот, додека Швајцарија ќе гостува во Скопје на 2 мај од 18:00 часот.