Сензација во Романија: Фочани и Горан Крстевски го шокираа ЧСМ Букурешт

Македонскиот интернационалец, Горан Крстевски и неговиот тим, Фочани направија вистинско изненадување со победата над ЧСМ Букурешт од 30:26 во рамките од второто коло во Романската лига.

Екипата на ЧСМ Букурешт беше во водство во поголемиот дел од натпреварот и не дозволуваше голем отпор на противникот, посебно во првиот дел. Фочани на полувреме имаше негатива од 14:19, но во вториот дел целосно се врати во игра.

Ракометарите на Фочани намалија на 22:23 и по низата на технички грешки од спротивниот табор го израмнија резултатот на 23:23 во текот на 45. минута преку Филип Марјановиќ.

Во брзиот ритам во последните десетина минути од натпреварот, Фочани се одлепи и на плус два разлика 25:23, додека екипата на ЧСМ Букурешт немаше доволно сила за кам-бек.

Лидер во екипата на Фочани беше незапирливиот Филип Марјановиќ со 13 гола од 14 обиди. Горан Крстевски одигра солиден натпревар, а натпреварот го заврши со еден гол во противничката мрежа.