Сензација во квалификациите: Литванија дојде до голема победа против Исланд

Во рамките од квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2022, од четвртата квалификациска група, Литванија направи изненадување и го совлада Исланд со 29:27.

Литванците имаа убедливо водство во текот на целиот натпревар, додека Исланд во второто полувреме полека се враќаше во игра, но на крајот домаќинот ги задржа бодовите.

Во репрезентацијата на Литванија, Ајденас Маласинскас беше одличен на теренот со 12 гола, а на спротивната страна, Арон Палмарсон беше најефикасен со девет гола.

Од квалификациската група број шест, Норвешка иако има теоретски обезбедено место на Европското првенство, денеска не дозволи изненадување и забележа уште една победа во низа, овој пат против Летонија, 36:17.

Репрезентацијата на Холандија забележа важна победа против Турција со 34:22 во рамките од квалификациската група пет. Со победата над Турција, Холанѓаните остануваат на второто место на табелата.

Одлучувачки натпревар за репрезентацијата на Холандија ќе биде дуелот против Полска. Со уште една победа, Холандија би обезбедила пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка.