СЕДМЕРЕЦ: Таму кај што вечно сонце сјае…

Лјепа наша Македонија стана хрватска ракометна колонија. Кој би рекол?!

1. На шопинг во Загреб

Како во култната песна на Дадо Топиќ, Македонија стана „земља коју волим ја…“ и за многу хрватски ракометари и тренери. Посебно пролетва, кога водечките македонски клубови, за чудо на светот во корона екот, водат вистинска војна во трка по новите засилувања. Шопингот во Загреб се покажа најуспешен.

Пред една деценија беше „светско чудо“ кога трофејниот Лино Червар седна на клупата на Металург и остана во Автокоманда полни седум години. Па после го имавме и Ивица Обрван кој три години и три месеци ја предводеше машката ракометна репрезентација на Македонија и стана најдолгорочниот селектор на македонската клупа. Па ја имавме хрватската репрезентативна тројка Игор Карачиќ, Лука Циндриќ и Иван Чупиќ во најблескавите шампионски денови на Вардар, плус на кратко и Блаженко Лацковиќ.

Дојде Жељко Бабиќ во Битола, па сега стигна и Стипе Мандалиниќ директно од Бундес лига. Па Хорват го одбра Металург и одекна бомба од Автокоманда…

Македонско-хрватската ракометна врска се негува постојано и продолжува и во новонастанатата ситуација. И ако некогаш Загреб беше ветена дестинација и отскочна штица за успешна кариера на многу македонски таленти почнувајќи од Кире Лазаров, Бранислав Ангеловски, Александар Јовиќ…па до новата надеж, Ненад Костески кој лани ја почна интернационалната кариера токму во Хрватска, сега многу пофреквентно е во обратна насока. Посебно пролетва.

Бројката се уште не е конечна и според најавите сигурно ќе биде зголемена, но вака како што стојат работите во моментов, во македонските клубови во наредната сезона ќе играат најмалку осум Хрвати, од кои седум се во водечката тројка – тројца во Еурофарм Пелистер плус тренерот Жељко Бабиќ, по двајца во Вардар и во Металург и еден во Охрид.

2.Хрватска колонија во Битола

И додека во Хрватска сè уште се чудат што се случува таму долу, дали е до сонцето или пак се парите, на пат за Македонија може да тргнат уште неколку хрватски ракометари, па ништо чудно, Вардар и Металург тука да го стигнат Пелистер.

Жељко Бабиќ на полусезона ја прекина тренерската пауза и се пресели во Битола на клупата на Еурофарм Пелистер. Новиот битолски ракометен проект беше предизвик за Бабиќ, а пролетва стана и вистинска хрватска колонија. Битолчани го победија Вардар во трката за Стипе Мандалиниќ, најзвучното од трите нови хрватски засилувања во Еурофарм Пелистер, покрај младиот десен бек Мараш и пикерот Кушан. Во Битола моментно од деветте странци во тимот, тројца се Хрвати, плус тренерот Бабиќ.

Битолскиот тим пролетва донесе четири странски (Мандалиниќ, Мараш, Кушан и Периќ) и две домашни засилувања (Танкоски, Кукуловски) за првиот тим и ја осигура базата со неколку играчи од подмладокот во Еурофарм Пелистер 2. Но, во Битола продолжува потрагата барем по уште две звучни засилувања, посебно сега кога Скопје „фрли ракавица“.

3. Нов газда, нова стратегија

Новата ера во Вардар, повторно со Михајло Михајловски на челната позиција, од  минатата седмица доби и официјална заверка и во Централен регистар. Новото раководство носи и нова стратегија во „црвено-црниот“ табор. И ако во изминатите шест години додека газда беше Сергеј Самсонеко, главен белег на шампионски Вардар беше интернационален состав со редовно македонски капитен, но не и многу простор за македонски играчи во прв план, сега забележително се менува структурата на тимот. Михајловски уште на почетокот најави дека во новиот Вардар ќе биде 50-50 и ќе има многу поголемо внимание и простор токму за македонските репрезентативци. Вардар го врати Јагуриновски од Металург, го донесе Филип Талески од Германија и во фото-финиш ја доби трката со Металург за потписот на Гоце Георгиевски. Остана капитенот Стојанче Стоилов на линијата, а Французинот Кантегрел на голот дојде како дополна на македонската репрезентативна двојка со искусниот Борко Ристовски и со младиот Марко Кизиќ.

Чудото што го спаси Вардар, како што ќе им раскаже Дисингер на Германците, придонесе тој заедно со Дибиров, Чупиќ и Калараш да решат да останат во Скопје. Но, и да се отвори пазарот за нови засилувања во „црвено-црниот“ дрес. Шопингот продолжува, а Загреб е сега е нова тренд дестинација.

Ново име во составот на Вардар е доскорешниот ракометар на ППД Загреб, Анте Гаџа. Од Загреб на пат за Скопје најавен е и Јосип Векиќ. А, ништо чудно до крај на летото на југ да се упати уште некој играч од тимот на „плинарите“ што до неодамна го предводеше Веселин Вујовиќ. Ништо чудно, на крај во Вардар да дојде и Вујо мајсторе. Таа опција е сега пак е актуелна, иако на прв поглед можеби изгледа невозможна.

Ривалството на македонската сцена одново се разгорува, а на тоа тешко се одолева.

4.Не сака „Џомба“, сака Злаја

Вардар, „од пред нос“ на Металург му го зеде Гоце Георгиевски, ама тимот од Автокоманда експресно активира план Б.

Ако не сака „Џомба“, сака Злаја! И, рокна трансфер бомба од Автокоманда со потписот на Златко Хорват.

Клубот од скопското „радничко“ предградие како што милуваше да го вика Лино Червар својот Металург, пак ја потресе хрватската ракометна јавност. Единаесет години по тогаш сензационалната преселба на трофејниот хрватски тренер на клупата на Металург, Хрватите повторно во шок ја бараат Автокоманда на мапата. Прво му се чудеа на Лино, сега се чудат како стигна таму легендарниот капитен на Загреб. По цели 26 години поминати во матичниот Загреб, како што му бројат хрватските колеги од неговите ракометни почетоци, Хорват реши да го смени дресот…И да дојде во Металург!

Трансферот на искусниот хрватски репрезентативец беше вистинска трансфер бомба што и тоа како одекна силно и пошироко од балканските простори. Металург пролетва беше посебно активен на трансфер пазарот, донесе четири сериозни засилувања, а Хорват дефинитивно, беше капитaлецот кој може да ја направи разликата и да го врати Металург на старите позиции од времето на Червар.

Кога веќе тргнавме да ги броиме Хрватите во македонскиот ракомет, треба да се спомене дека покрај искусниот Хорват, во составот на Металург е и младиот хрватски бек Маријан Мариќ, а од Автокоманда најавуваат уште една трансфер бомба со ХР предзнак…

Се сеќавам, кога дојде Лино Червар во Металург во 2009 година првата реченица после „добар ден“ на македонски, му беше дека „ни во сон не сонувал дека тој во својата кариера како олимписки шампион, еден ден  ќе стигне до скопското предградие…“. Ама, ете, не само што стигна, туку и остана во Автокоманда безмалку  цела деценија.

Сега, таму горе велат „кој би рекол дека тандемот хрватски десни крила од бројните големи натпреварувања, Златко Хорват и Иван Чупиќ, своите кариери ќе ги завршат токму во Македонија?!“.

Кој би рекол и дека во глобална криза, Македонија ќе стана ветена ракометна дестинација?

До сонцето ќе да е…