СЕДМЕРЕЦ: Камелеон стил

Голема „француска“ победа за Вардар и мал битолски пораз за Еурофарм за почеток на ЛШ.

1.Сè е исто, ама и не е…

Две сезони по ред, Вардар го отвора настапот во Лигата на шампионите со победа против францускиот ракометен бренд Монпелје, на француско тло. Што му доаѓа нешто како добар знак за успешна сезона. Така беше минатиот септември, така почна и овој…

Сè е исто како лани, ама нешто и не е.

Лани победата на „црвено-црните“ беше голема сензација и прва најава за падот на Монпелје од европскиот трон. Годинава Вардар ја носи круната. Улогите на домаќинот и на гостинот се променија, се променија и многу ликови на двете страни, освен вечниот Патрис Канаје, се разбира. Во саботата паднаа 13 гола повеќе од лани, се смени резултатот, но не и победникот. Одново вардарци стартуваа во ЛШ со победа и со кренати раце. Лани стресот и недовербата беа поголеми, откако си замина речиси половина тим. Годинава некако искусно побезболно го поминавме одливот на вардарци низ Европа. Во Монпелје недостасуваа повредените Стоилов и Толедо, имаше грешки и падови и периоди во негатива и леви бекови „стаклени“ и голмани скромно едноцифрени… И на крај Вардар победи!

Или со зборовите на искусниот Патрис Канаје – победи менталната сила и неверојатната натпреварувачка моќ на македонскиот шампион за која францускиот тим нема решение.

Вардар е како тим-камелеон, се прилагодува на ситуацијата и победува.

Забелешката на Канаје е можеби и најверодостојната слика од сите описи досега за чудата на вардарци. Во камелеон-стил, Вардар одолеа на сите кризи, турбуленции, се приспособи на сите одливи во составот и смени на клупата, знаеше да ја најде и да ја искористи слабата точка и на најмоќните и да заврши на подиумот во Келн, два пати во последните три години.

Што ќе донесе новата сезона во ЛШ? Малку што веќе може да биде изненадување, но стои предизвикот пред „црвено-црните“ во последната сезона во ЛШ во овој формат да направат уште еден подвиг што не му успеал на ниеден друг тим – да го победат проклетството на шампионите.

Со ментална сила, тимски дух и …камелеон стил.

2.Еден гол и три реда публика

За перфектен викенд на македонските претставници во најелитното европско натпреварување недостасуваше уште еден гол во Битола. И, можеби некој ред повеќе публика во најракометниот град во Македонија на враќањето на ЛШ по една и пол деценија.

Еурофарм Работник во својот деби настап во елитата минимално загуби од Спортинг, но не се посрамоти. Колку и да звучи ова како клише. Да имаа малку повеќе искуство и малку повеќе поддршка од трибините во битолскиот ракометен храм, „фармацевтите“ реално можеа да дојдат и до бод, па и до прва победа во првиот настап во ЛШ. И колку и да се очекувањата од Еурофарм Работник во ЛШ примени со резерва, сакале или не, мора да признаеме дека инпонира стабилноста на екипата и сериозноста во работата. Во краен случај и успешната тренерска промоција на Стевче Алушовски во европската елита, но и улогата и минутажата што ја имаат македонските репрезентативци во битолскиот тим.

Патем, кога сме веќе кај овој дел, настрана настапот на Еурофарм во ЛШ, од македонска ракометна перспектива, радува податокот и напредокот на нашите поранешни репрезентативци во се позабележителна тренерска улога. Го имаме Данило Брестовац на селекторската позиција, Стевче Алушовски во ЛШ со Еурофарм Работник, Игор Котевски кој направи бум со Бутел, а сега става свој посебен белег и во вториот тим на Металург. Раде Стојановиќ е во нов предизвик на клупата на Охрид, а Александар Зарков прави од ништо нешто со „отпишаниот“ Пелистер. На француски терен во женската лига успешна тренерска кариера градат Иван Марковски и Марјан Колев… Вака-така во Македонија на сцена доаѓа и нова тренерска генерација. Една од подобрите работи во перспектива во парадоксот на македонското ракометно „Ел Дорадо“, каде едни доаѓаат по успех и слава, а други молат за ваучер.

3.Ваучерите и лигите

На Вардар некако му успева приспособување на секакви услови, но прволигашите тешко дека ќе можат да ја „испливаат“ сезоната без спонзори и без тие малку пари што некако успеваа да ги соберат за некоја пристојна егзистенција. Фамозните ваучери од АМС кои ги има, па ги нема, па ги има, па пак ги нема…ставаат голем знак прашалник на егзистенцијата на поголем дел од клубовите, но и на целиот систем на натпреварување во Првата ракометна лига. Со мали исклучоци, поголемиот број од прволигашките клубови се децидни дека без ваучери и ветените олеснувања, остануваат без спонзори и без пари, не може да опстанат и нема да играат. Разврската допрва следува…

Во ситуација кога има се помалку вложувања во македонскиот спорт, кога прволигашите се пред згаснување, а секоја година на раб на банкрот се и дел од суперлигашите, можеби треба да се размисли и за промени во системот на натпреварување и евентуално скратување на лигите. Оти лани ако ви текнува „висеа“ Борец и Прилеп, годинава уште на старт „зашкрипе“ Струга и тоа и со ваучер и со кредибилитетот на Наумче Мојсовски на челната позиција.

Супер лигата со 12 екипи од кои една третина најмалку, пливаат во долгови, крпат состави и не знаат дали ќе ја истуркаат сезоната, со „полудиригиран“ плеј-оф на крај, не е ни силна ни респектабилна, уште помалку интересна и економски исплатлива за спонзори. Нешто дефинитивно треба да се менува и да се бара излез од ситуацијата. Промена на системот и концентрација на квалитетот со враќање на „сехашите“ во домашниот шампионат е една од опциите, за старт.

Многу екипи, а малку квалитет, дефинитивно не е добитна комбинација, ни за Супер, а ни за Прва лига. Едно е зачувување на центрите и масовност на спортот, нешто сосема друго нестабилни клубови со празни каси.