„Светското и Европското првенство да се одржуваат на секои четири години“

Сè поголем е бројот на ракометари и тренери кои сметаат дека Мундијалот би требало да се откаже или одложи во согласност на моменталната ситуација во светот со коронавирусот.

Тренерот на Бундеслигашот Фленсбург, Мајк Макула предложи претстојното Светско првенство во Египет да биде одложено и наместо во 2021 година да се одигра наредната 2022 година. Исто така тој истакна дека се залага и за промена во одржувањето на Европските и Светските првенства на четири години.

„Мислам дека треба добро да размислиме за откажување на сите големи натпреварувања за една година. Зошто да не го поместиме Светското првенство во Египет во 2022 година? Се разбираа финансиите се во прв план, но сите ние сме предмет на економски ограничувања и треба да најдеме компромис во секоја ситуација. Јас исто така се залагам Светското и Европското првенство да се одржуваат на секои четири години, како во фудбалот“, рече Мајк Макула за „Штутгартер Цајтунг“.

Неодамна и играчите на ракометните гиганти Барселона и Кил, Домагој Дувњак и Арон Палмарсон го искажаа незадоволството што во вакви услови треба да патуваат во Египет и да играат. Засега терминот за одржување на Мундијалот е од 13 до 31 јануари 2021 година.