Ангеловски: Сакав проштална сезона во Битола, а не проштален меч

Поранешниот македонски репрезентативец и интернационалец, Бранислав Ангеловски пред три години стави крај на играчката кариера со проштален меч во Битола, кој беше вистински празник за македонскиот ракомет.

Но, тој имал желба кариерата да ја заокружи од таму каде што почнал, односно да одигра една цела сезона за битолски клуб, а не само еден ревијален меч.

„Сакав да имам проштална сезона во Битола, да завршам таму каде што почнав, но со сплет на околности се случи проштален меч, кој го обмислив на одмор. Постојано запишував некои детали и чекав ден кога сите ќе бидат слободни да ги соберам. Знаев дека ќе биде ЕХФ недела и имав среќа што Македонија не играше натпревари тогаш. Им благодарам и на претседателот Мукаетов, и на тогашниот селектор Раул Гонзалез како и Чакаревски, кој беше спортски директор кои имаа слух и разбирање дека се работи за ревијален меч. Лазаров се појави повреден, единствено Борко Ристовски не дојде, зошто не ми е уште јасен. Направивме ракометен празник и неодамна се потсетив со каква енергија го организирав сето тоа. Нервозата со деталите ми одземаа пет години од животот, но вредеше… Најинтересна беше реакцијата на луѓето кога им кажував дека сакам да ги згаснеме светлата на претставувањето во сала и пак да ги запалиме. Ми велеа ’Како!? Ќе го згаснет светлото во салата на претставување и потоа да го запалиш? Знаеш кога ќе ти се запали? Утре, може и задутре’ (се смее). Но, имав поддршка од општината, од Домот на културата во Битола, поработевме на светлото, па со стоперка мерев дека за четири ипол минути, ќе се вклучи осветлувањето и успеавме. Реално, најважно беше третото полувреме…. дружбата на крајот. Се радувам што по мојот проштален меч во октомври, РФМ организираше Куп на Македонија во април следната година и успеја истото да го изведе на претставувањето со згаснато светло.“ (се смее)

Комплетното интервју може да го прочитате во продолжение…

ИНТЕРВЈУ БРАНИСЛАВ АНГЕЛОВСКИ: Не прифаќам споредна улога, треба да бидам важна ’алка’ за да му се вратам на ракометот!