„САД сериозно се подготвува за СП, ќе се формира и професинална ракометна лига“

Пред неполн месец ИХФ без квалификации и овозможи на репрезентацијата на САД да учествува на претстоjното Светско првенство во Египет. Главна причина за ова е епидемијата на коронавирус и потешкотиите за организација на квалификации.

Како еден од аргументите за оваа одлука ИХФ ја наведе важноста на Соединетите американски држави за глобалниот развој на ракометот и желбата да се зголеми бројот на ТВ гледачи во земјата.

Без разлика на тоа што Американците играчите во репрезентацијата ќе ги избираат преку оглас и интернет апликации со видео, се чини дека полека сериозно започнуваат да гледаат на ракометот.

Ракометарот Амар Амитовиќ кој настапува во првенството на БиХ, минатата година играше на младинското СП за САД и а сега се наоѓа на поширокиот список за СП во Египет, за sportske.jutarnji.hr уште еднаш потврди дека Американците имаат големи планови.

„Може да се очекува поголем напредок бидејќи во ракометот се вложува повеќе од претходните години. Доведувањето на Хедин и Олсон исто така покажува колку сериозно се работи на овој проект. Сениорската репрезентација не е составена од аматери, има играчи кои играат во Франција и Шпанија. Во моментов имаат две лиги со аматерски клубови и колеџ лига. Веќе се споменува дека до 2023 година ќе се формира професионална лига со поголеми вложувања и ангажман на странски играчи“, објасни Амитовиќ кој е роден во САД, но живее во БиХ.

Главна цел на Американците е што подобро да ја подготват репрезентацијата за летните Олимписки игри во 2028 година кои ќе се одржат во Лос Анџелес. Во Египет, САД ќе настапи по седми пат на СП, а прв пат после 2001 година кога завршија на последното место.