САД во Холивуд ќе бара нови репрезентативки!

Ракометот во САД е во подем, но за многу Американци сѐ уште е многу непознат спорт. Откако машката репрезентација на САД на Светското првенство во Полска и Шведска направи историски успех, сега женската репрезентација посакува да го популаризира овој спорт низ Америка.

Ракометната федерација на САД, која во минатата година за машката репрезентација бараше играчи по огласи, сега на тренинг камп во Холивуд, поточно во Лос Анџелес ќе бара нови потенцијални репрезентативки.

Како што соопштуваат од женската репрезентација на САД, од 5 до 10 март оваа година, сите заинтересирани ќе можат да се придружат на ракометните тренинзи на кампот, на кои ќе присуствуваат и неколку сегашни репрезентативки.

Доколку некоја од пријавените играчи покаже квалитет и потенцијал на тренинзите, тогаш многу лесно може да се најде во репрезентативниот табор на САД.

Ракометарките на САД ќе учествуваат на квалификациите за пласман на Светското првенство 2023. Домаќин на квалификациските натпревари за Мундијалот ќе биде Гренланд.

Светското првенство 2023 во женска конкуренција ќе се одржи во периодот од 30 ноември до 17 декември. Данска, Норвешка и Шведска ќе бидат ко-организатори на големото натпреварување.