Савевски прозива, Македонија ја почнува операцијата „мундијалски бараж“

Селекторот на женската репрезентација, Љубомир Савевски, денеска на пладне ќе ги собере ракометарките на кои ќе смета на претстојниот собир во рамките на ЕХФ неделата.

Савевски ќе смета на 18 ракометарки, од кои 12 доаѓаат од домашното првенство. Поради повреди отсутни се Симона Маџовска и Елена Ѓоргиевска, додека Моника Јанеска има клупски обврски.

Во однос на репрезентацијата што играше на Европското првенство, ги нема ниту голманките Матеа Чурлиновска и Марија Јованоска, потоа Емилијана Ризоска, левото крило Анастасија Николовска, како ниту бековите Ива Божиновска и Леонида Гичевска.

Шанса ќе добие една од најдобрите во Женската лига, Теодора Гулицоска, потоа тука се Дамјаноска, Дукоска, Диневска и сестрите Коцеви.

Во рамки на ЕХФ неделата сениорките ќе одиграат две контролни средби против селекцијата на Турција во Анкара, на 2 и 4 март.