Савевски пред дербито во Прва лига: Знам колку вреди мојата екипа – затоа одиме на победа!

Претпоследното коло од регуларниот дел во Првата машка лига меѓу Голден Арт и Алкалоид е натпреварот кој ќе одлучи кој тим ќе заврши на лидерската позиција после регуларниот тек од првенството. Тоа значи и пренесување на повеќе бодови во плејофот кога се вкрстува со екипите од другата група од Прва лига.

Предзнакот на дерби се гледа и по фактот што мечот се игра со директен ТВ пренос на МТВ 3, и тоа во СЦ „Јане Сандански“ утре во 19:30 часот. По досегашните 16 кола двата тима се на врвот на табелата, каде што лидер е гостинот со три бодови предност.

Тренерот на дебитантот во Првата лига, Љубомир Савевски е сигурен во квалитетот на неговиот тим и доаѓаат на гостински терен со цел да победат.

„Очекувањата се исти како и претходно, дерби е на две екипи кои се на врвот во лигата секако дека желбите се да победиме. Ние на секој натпревар одиме на победа, сега како ќе биде тоа е прашање и колку ќе ни дозволат противниците. Јас сум сигурен во својата екипа знам колку вреди затоа и размислуваме само на победа“.

Првиот меѓусебен натпревар помеѓу овие две екипи во есенскиот дел од сезоната заврши без победник, со реми 25-25. Савевски најави нема да менува многу во однос на играта, бара само поголема посериозност од сите играчи.

„Нема многу што да се промени, ги имаме истите играчи, можеби поголема сериозност на сите играчи. Промена во однос на играта нема да има некоја голема промена.

Двете екипи меѓусебе се анализираат, а Савевски знае од каде ќе доаѓа најголемата опасност. Ги истакна Ивица Илиев и голманот Златко Даскалоски како главен мотор на Голден Арт.

„Таму се двајца возрасни и искусни играчи како Илиев и голманот Даскалоскли, тоа се носители на играта, едниот во одбраната другиот во нападот. Сепак, целата екипа е добра и заслужува внимание, затоа што сите играчи се квалитетни, поседуваат и искуство и квалитет“.