Савевски: Оваа селекција има квалитет, но ни треба време и многу работа

Репрезентацијата на Македонија денеска забележа победа од 31:25 против Финска со што се избори за борба за 5. место на ЕХФ шампионатот за младинки.

Со две различни полувремиња, од кои првото беше нерешено, а второто со доминација, Македонија само потврди дека оваа генерација заслужува шанса, но и е потребно време за да успее да го донесе на теренот она што се очекува.

„Задоволен сум од денешната игра и од победата. Меѓутоа овој натпревар не исцрпи и потрошивме многу енергија додека нашиот утрешен противник Исланд имаше далеку полесна задача. Во овој состав има квалитет, но ни треба време и работа за да успееме да го поправиме она што недостига. Денеска промашивме премногу удари и ова дефинитивно ќе мораме да го подобриме“, коментираше Савевски после натпреварот.

Утре против Исланд, Македонија игра од 13 часот во СЦ „Јане Сандански“, а тоа е дуел за 5. позиција.