Савевски за 24Ракомет: Девојките ги издржаа храбро сите напори, сега е време да го видиме најдоброто

Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски денеска ќе го има дебито на клупата на официјална средба после пауза која е поголема од десет години, а на првата средба ракометарките кои се дел од младинската селекција ќе се соочат со БиХ.

Девојките кои беа на подготовките со младинската репрезентација ќе треба да одговорат на барањата на селекторот и за очекување е да биде видено најдоброто на теренот.

„Одработивме 15 дена. Направивме неколку тестови пред почетокот и првата слика не беше најсјајна бидејќи имаше пауза, а и ковидот го направи своето. Во Маврово добар дел од времето го поминавме на поправање на физичкиот и на техничко тактичкиот дел. Доколку беше сè нормално сигурно немаше да има проблеми. Јас сум задоволен од нивната подготвеност да ги издржат тие напори. Трениравме по четири часа на ден. Девојките покажаа дека се тим и дека сакаат да работат. Ние секогаш сме сакале да направиме пулт на репрезентации кои ќе имаат теми на работа. Физичката подготвеност мора да биде врвна. Треба да направиме селекција, а од оваа група 3-4 девојки можат сигурно да конкурираат на следното Европско првенство и тоа е една од целите кои ги имаме во моментов“, вели Савевски за 24 Ракомет.

И за него е непознаница моментот што немаше можност да се одиграат пријателски натпревари и на овие дуели на ЕХФ шампионатот се влага без тест.

„Немавме пријателски натпревари и сето ова е една непознаница и за мене и за сите. Доколку имавме можност да одиграме контролни средби ќе беше поинаку. Немаше противници, немаше каде да ги најдеме. Сепак, со текот на шампионатот формата ќе се крева. Јас сум оптимист. Ако има грешки ќе ги поправаме, а може да се види дека има доста талентирани девојки и во 2002/03 и во 2004/05. Можеби ќе ја имаме најмладата ракометарка на шампионатот, а тоа е Ива Младеновска, која има 14 години. Таа е родена во 2007 година. Имаме седум кадетки  и тоа е една од добитните работи на овие подготовки. Тука нема сентименталност. Мораме да мислиме и на резултат и секако да ја поправиме сликата од претходните настапи. Секако и да добиеме 2-3 ракометарки за иднината на македонскиот ракомет“.

Инаку, Савевски е задоволен од прикажаното на девојките за време на подготовките и верува дека ќе може да се види најдоброто на теренот на натпреварите кои претстојат што е најава за убав шампионат.

„Мојата идеја е да ги ставиме во тренажен процес за да имаат што е можно поголема работа. Треба да се максимално фиички подготвени и снажни лесно ќе можемеда успееме. Јас реков можеби не сме најдобри во Европа, но да се подготвиме физички и да сме рамо до рамо со другите. Ако имаме добро подготвени играчи е лесно да се моделира во спротивно е многу потешко“, коментираше Савевски за 24 Ракомет пред почетокот на ЕХФ шампионатот.

Покрај селекцијата на БиХ во групата заедно со Македонија се и селекциите на Холандија, Фарски острови и Косово. Првите две селекции ќе се најдат во полуфиналето, кое е на програмата следната сабота.