Савевски: Девојките покажаа дека имаат карактер и квалитет кој треба да се надоградува

Репрезентацијата на Македонија ги заврши натпреварите на ЕХФ шампионатот со пораз од 30:32 против Исланд откако беа изведувани удари од седум метри бидејќи во регуларните 60 минути резултатот беше 28:28.

Со овој пораз, Македонија го освои 6. место, а за селекторот Савевски турнирот покажа дека има квалитет кај овие девојки, но дека мора да продолжат да работат за да напредуваат.

„Очигледно беше дека вчера Исланд имаше полесен натпревар и ракометарките многу посвежи влегоа во овој дуел за разлика од нашите девојки. Успеавме да се вратиме во овој натпревар кога сите помислија дека е веќе сè готово. Тоа го покажува карактерот на овој тим и покажавме дека можеме да играме против сите кога ќе го одиграме нашиот најдобар ракомет. Девојките мора да го сфатат ова како лекција и да продолжат да работат уште посилно во своите клубови и да напредуваат. Резултатите ќе дојдат со текот на времето“, изјави после натпреварот против Исланд, селекторот Савевски.

Ова беше последниот натпревар за младинките, а веќе стартува новиот предизвик бидејќи стручниот штаб продолжува со работа, но со кадетската селекција која исто така ја очекува настап на ЕХФ шампионат.