Сабате ги отвори картите: Чешка со Кашпарек, Мрква, Бабак…и со еден дебитант против Македонија

Селекторот на Чешка, Хавиер Сабате, го објави списокот на ракометари пред претстојниот бараж двомеч со Македонија за место на СП во 2023 година. Шпанскиот стратег ќе смета на 21 ракометар, од кои ќе ги одбере 16 што ќе и се спротистават на нашата репрезентација.

За разлика од минатото, кога поголем дел од играчите во чешката селекција беа интернационалци, сега не е така. Во ростерот ќе бидат голманот Мрква, крилата Чип и Хрстка, пикерот Петровски, бековите Бабак и Кашпарек, кои одиграле во минатото многу натпревари против Македонија.

Сабате повика и еден дебитант во составот, а тоа е десното крило Матијас Чолева од Фридек Миштек. Тука се левите бекови од Карвина, Патцел и Солак, како и средните бекови од Зубри, Морковски и Хавран. Чешка има одлична прва постава, но за разлика од порано нема играчи од клупата што може да го сменат текот на натпреварот.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Чешка се игра во Злин на 13 април од 19:15 часот, додека реваншот е во Скопје на 17 април од 19:00 часот.