РФМ со амин за „алиби извештаите“ на Лазаров и Савевски

РФМ не кажа „јасно и гласно“ дали сме имале успешен или неуспешен настап. Ниту пак некој презема одговорност за лошата игра, атмосфера, изборот на играчи... 

Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија конечно одржа седница , повторно зад затворени врати, онлајн и со присуство на одбрани медиуми каде точки на дневен ред беа долгоочекуваните извештаи на селекторите Љубомир Савевски и Кире Лазаров за настапите на ЕП 2022 и СП 2023 година.

Продолжува затвореноста на РФМ кон јавноста која остана и без официјално соопштение за она што се разговарало на УО, одлуките што се донесени и дали воопшто УО имал кворум за истата. Додека сите се враќаат на состаноци со физичко присуство (и има полни сали), РФМ се уште бега од тоа новинарите да може да присуствуваат на седниците и да прашуваат. РФМ не кажа „јасно и гласно“ дали сме имале успешен или неуспешен настап. Ниту пак некој презема одговорност за лошата игра, атмосфера, изборот на играчи…

Двајцата селектори уште еднаш ги повторија сите работи што веќе ги имаат кажано, барајќи алиби за своите резултати, а УО ги прифати нивните извештаи за сработеното без никакви замерки.

„На ЕП во Скопје не разочаравме, но за жал не успеавме да ја реализираме нашата цел и да се пласираме во втората фаза. ЕП што се одржа во Македонија ја покажа вистинската слика за нашиот квалитет. Сите ракометарки на главните репрезентации се лидерки во своите клубови, кај нас најдобрите ракометарки не се главни во своите клубови, ни недостигаат ракометарки со лидерски способности. Да не говорам за оние кои настапуваат во нашата лига, која е квалитативно под она неопходно ниво. Единствен излез за ова е создавање на клуб-репрезентација и собирање на речиси сите најквалитетни ракометарки на едно место, што според мене во моментов не е возможно. Мораме да внимаваме и да ја развиваме кадетската репрезентација, сега младинска, која има континуитет од настапи на големите натпреварувања. Верувам дека се движиме во вистински правец, квалитетот се крева, добиваме и искуство од големи натпреварувања“, кажа меѓудругото Савевски.

Многумина од актуелните репрезентативци во машката селекција што беа дел од претходните собири, отворено најавија дека не сакаат повеќе да бидат дел од националниот тим. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов најави разговори со нив.

„Многу е важно да го задржиме оној култ за играње за репрезентацијата, бидејќи тоа е најголема чест и привилегија. Треба да се мобизилираме сите, да разговараме со играчите и да им го пренесеме тоа да го разберат и да доживеат – дека е светост да се игра за Македонија. Ние сме им благодарни и на Лазаров, Миркуловски, Стоилов… кои некогаш и со една нога играле за Македонија, истото го очекувам и од сегашните репрезентативци, како и од идните членови на националниот тим. Јас сум оптимист дека прво ќе се пласираме на ЕП, а потоа од првенство на првенство ќе растеме со квалитет“, рече Мукаетов.

Селекторот Кире Лазаров пред УО потенцираше дека пласманот на големите натпреварувања е успех.

„Пласманот на СП го изборивме по тежок пат, преку Романија и Чешка, предводени од двајца стручњаци. Нашата примарна цел по моето поставување беше да се направи промена на генерација, целта е да се направи чекор напред. Мора да се создадат младински селекции, тие се од големо значење за иднината на македонската репрезентации. Со оглед на тоа дека ракометарите немаат квалитетни мечеви, побарав да имаме подoлги подготовки и пријателски натпревари. Имавме повреди во текот на подготовките, Талески, Митревски и Маркоски пропуштија голем дел од подготовките, таму се повреди Јагуриновски на првиот меч. Бевме најмлада репрезентација на СП со просек од 24 години. Имавме есктремно тешка група, репрезентации кои имаат играчи во големи клубови и се лидери, затоа беше тешко да се игра. Во Президент Купот им дадов шанса на помладите играчи кои ја оправдаа мојата доверба. Верувам дека овие седум меча ќе придонесат за нивно созревање. Можевме многу подобро особено против Аргентина, а Холaндија и Норвешка се подобри од нас, но со посветена работа ќе бидеме во чекор“, изјави Лазаров.

УО потврди дека ракометарките (доколку се пласираат на СП 2023) ќе добијат премија од 2.500.000 денари, додека ракометарите ќе бидат наградени со 2.000.000 денари за пласманот на ЕП 2024.

На состанокот на УО беше потврдена одлуката да се додели еднократна финансиска помош од по 75.000 денари на четири прволигаши (Астраион, Борец, Партизан Гевгелија и Драчево), кои не добија ваучери од државата, па се обратија за помош во македонската куќа на ракометот.

Како што најави 24Ракомет, беше потврден и ангажманот на Златко Мојсоски како селектор на женската репрезентација во ракомет на плажа која ја чека настап на ЕП. Во стручниот штаб ќе биде екс вардарката Ања Алтхаус, додека координатор ќе биде Марјан Начевски, а негов заменик судијата Сашо Кркачев.