РФМ „пука по шевови“ – комесарот на лигата поднесе оставка

По само едно одиграно коло во Супер лигата, македонскиот ракомет е во сериозни проблеми откако комесарот на лигата Славе Николов, кој три сезони ја вршеше функцијата, поднесе оставка од функцијата и од работното место во РФМ. Тоа е уште еден удар за РФМ, по губењето на случај пред Арбитражниот Суд на ЕХФ, откажувањето на неколку клубови од играњето во лигите и негодувањето кое почнува да се јавува кај клубовите, како што тоа беше за начинот на распределба на парите за освоените места во младинските лиги.

Како што дознава 24ракомет Николов вчера веќе писмено ги известил раководните лица во федерацијата, претседателот Живко Мукаетов, генералниот секретар Филип Милошевски и извршниот директор Александар Велковски дека бара раскин на договорот и заминување од работното место.

Николов е дел од најдобрата македонска судиска двојка Николов – Начевски кои веќе неколку години се во самиот светски врв. Суделе на ЕП, СП, Олимпијади и не само во Македонија туку често ја делат правдата и во други земји на важни натпревари поради нивната компетентност, знаење и пред сè принципиелност на доследно спроведување на правилата на ракометна игра. Тој последните сезони ја извршуваше функцијата комесар на Супер лига, и никогаш немало поплаки на неговата работа.

Минатата недела била формирана комисија од три члена која требало во иднина да го врши делегирањето, а покрај Николов во истата биле назначени и Александар Велковски, извршниот директор во РФМ кој досега никогаш не работел во ракометот и Филип Христов, спортски работник во пензија кој во минатото беше дел од РК Металург, а сега се споменува како можен раководител на салата во Автокоманда која ја доби РК Алкалоид на користење.

Комисијата за спроведување на натпреварите треба „зеднички“ да ги делегира судиите за натпреварите. Наместо комесар сега делегирањето ќе се врши со „надгласување“. Сега можно е комисијата да биде под влијание на одредени ракометни струи или клубови. Неофицијално и за првото коло на Супер лигата имало „ургенции“ за одредени судии да бидат на некои средби.

Вчера цел ден имало „вжештена телефонска линија“ и од федерацијата сакале да ја „испеглаат работат“ и наместо оставка да биде „спогодбен раскин на договорот“. Но, засега останал ставот на Николов тој да даде отказ.

Викендов се игра и македонскиот Супер куп меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во Охрид. Дополнително ќе се види како ќе се врши делегирањето во иднина и дали клубовите ќе имаат поплаки на делењето на правдата.