РФМ „онлајн“ ја смени Натпреварувачката комисија

До крајот на сезонава ќе има нова Натпреварувачка комисија во РФМ, а истата беше назначена во петокот на онлајн седница на УО на федерацијата. Досегашниот претседател на комисијата Александар Велковски е разрешен, откако неговото име се најде во фокусот на скандал со приведување за поседување дрога, а Филип Христов, кој исто така беше член ненадејно почина во четвртокот. Откако остана само еден член, Благојче Тодоровски, РФМ мораше да донесе одлука за именување на нова комисија.

Од РФМ нема официјално објаснување која е причината за менување на комисијата со два нови членови, и дали нивниот досегашен Извршен директор и актуелен претседател на Натпреварувачката комисија е истото лице што се најде во билтенот на МВР и беше проведен заради поседување дрога. Но, фактот што тој веќе не е дел од комсијата само ги потврдува сомнежите дека станува збор за иста личност.

Нема официјална потврда дали на седницата имало и други ракометни прашања, пред се извештајот на селекторот Кирил Лазаров за настапот на последното СП, каде испаднавме уште во групната фаза, па моравме да се тешиме со мечеви во Купот на Претседателот. По повеќе од еден месец се уште нема извештај за тоа дали настапот бил успешен на СП.

Нов претседател на Натпреварувачката комисија е Камер Металари, а членови се уште и Иван Јосифовски и Благојче Тодоровски. Металари е поранешен меѓународен судија, и актуелен делегат со знакот на ЕХФ. Во минатото ја извршуваше функцијата на Комесар на лигата, на Супер лигата, а потоа и на Прва лига. Бил на повеќе различни функции во ракометот, и има огромно искуство во организирање на лига. Иван Јосифовски е вработен во РФМ, а Благојче Тодоровски е актуелен ЕХФ судија кој и досега беше член на комисијата.