Две во едно – утре ќе се одржи и годишна конференција на клубовите и Собрание на РФМ

Ракометната федерација на Македонија за утре го закажа редовното годишно Собрание, а во текот на утрешниот ден по долго време ќе се одржи и годишната конференција на клубовите, што ќе започне во 08:45 часот.

Најинтересна точка на дневниот ред на Собранието ќе биде системот на натпреварување во Суперлигата и во Женската лига.

По предлог кој е потпишан од 25 суперлигашки и прволигашки клубови, елитната машка конкуренција во сезоната 2024/25 треба да се игра во две групи по осум екипи – Суперлига А и Суперлига  Б.

Во суперлигашкото друштво во следната сезона ќе играат тимовите што ќе завршат од 1 до 14 место, како и најдобрите две од прволигашката конкуренција од сезоната 2023/24, како што објави одамна 24Ракомет.

Утре рано наутро, во 08:45 часот, ќе стартува и годишната конференција на клубовите со собирот на претставниците од прволигашките екипи. Во 09:30 часот ќе биде собирот на претставниците од женските екипи, додека во 10:15 часот ќе се соберат претставниците на суперлигашите.

На дневниот ред на годишната конференција се четири точки – разгледување на годишни извештаи, информации за старт на есенската полусезона, а ќе бидат презентирани и предлог пропозиции за сезоната 2023/24.

По завршувањето на конференцијата на клубовите ќе стартува и редовното годишно Собрание на РФМ со почеток во 11:30 часот.