РФМ го донираше приходот од ракометниот спектакл во хуманитарни цели

Ракометната федерација на Македонија го донираше вкупниот износ од продажбата на билети од спектаклот што се одржа на 3 јануари меѓу актуелните и поранешните репрезентативци.

Износот кој е собран е 1.372.550 денари и ќе биде наменет за штитениците на СОС Детското село.

„Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно музички спектакл одржан на 3 јануари 2023 година во организација на Ракометната федерација на Македонија, изнесува 1,372,550 денари, која сума ќе биде донирана на организацијата „СОС Детско село“. „Сите Ѕвезди за СОС Детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победи човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да нѐ вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа. Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!“ напишаа од РФМ.

На спектаклот што се одржа на почетокот на годинава, РФМ им се заблагодари за придонесот во националниот дрес на поранешните репрезентативци.